ЕУ купува 300 милиони дози вакцина „Фајзер“

од Vladimir Zorba
129 прегледи

Европската комисија постигна договор за испорака на вакцини против корона до компаниите „Бајонтек“ и „Фајзер“, а станува збор за дури 300 милиони дози. На тој начин се обезбедува вакцинација за граѓаните на Европската унија. Во исто време, во тек се преговори со други компании.

Набргу по официјалното одобрение за ставање во промет, граѓаните на Европската унија треба да имаат на располагање вакцина против коронавирус заеднички изработена од компаниите. Според агенциите, повикувајќи се на извори во Европската комисија, договорот бил „повеќе или помалку склучен“, пренесува „ДВ“.

Претходно, политичарот од германската Демохристијанска унија (ЦДУ) и лидер на Народната партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, најави „наскоро потпишување на договорот“.

„Договорот ќе биде потпишан наскоро, а потоа денес (11 ноември) и ратификуван со клаузулите на Европската комисија“, изјави Вебер за германската ТВ станица „Феникс“.

Најкомплицираниот дел од договорот беше прашањето дали американската компанија „Фајзер“ е предмет на јурисдикција на Европската унија.

„Тоа сè уште треба да се реши со последните детали“, објасни Вебер. Тој додаде дека е добро што ЕУ преговараше „со еден глас“, што ја зацврсти својата позиција во преговорите со американската компанија и им обезбеди вакцина на граѓаните на ЕУ.

Германија очекува 100 милиони дози

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан е малку повнимателен и зборува за склучување договор „во следните неколку дена“. „Постојат претходни договори со „Бајонтек“ и „Фајзер“, според кои се обезбедени 200 милиони дози вакцини за Европската унија, од кои до 100 милиони за Германија“, рече Шпан.

Претходно оваа недела, двете компании презентираа ветувачки резултати од тестовите кои покажуваат 90% ефективност на вакцината во одбраната од вирусот Ковид-19 и многу ниско ниво на несакани ефекти. За целосен имунитет, потребно е да се примат две дози од вакцината.

Европската комисија преговараше со „Бајонтек“ и „Фајзер“ со месеци, а во септември обезбеди до 300 милиони дози.

Сепак, во исто време, склучени се пред-договори со други компании кои забрзано работат на вакцината, како што се „АстраЗенека“ или „Санофи“.

Планирано е сите 27 земји-членки на Европската унија да добиваат испораки на вакцини истовремено. Според министерот Шпан, Германија, како голем фармацевтски пазар, може сама да склучи договор, но Берлин, заедно со Франција, Италија и Холандија, силно се залагаа за преговори на ниво на Европската комисија, затоа што така и помалите земји од ЕУ имаат подобри услови кога станува збор за пристап до вакцината. „Понекогаш е потежок процес, но на крајот, ако се држиме заедно, сите сме посилни заедно“, заклучи Шпан.

Забрзан процес на добивање на дозвола за употреба во САД

Сепак, властите сè уште не ги издале потребните дозволи за пласирање на вакцината на пазарот. „Бајонтек“ и „Фајзер“ објавија дека сакаат да започнат постапка за забрзано добивање дозвола во САД следната недела. Германскиот министер Шпан потсетува дека постапката за издавање лиценци за лекови во ЕУ и САД е различна. Исто така, постои можност за забрзување во Европската унија, но одредбите за несакани ефекти не се релаксираат.

Различно е во ЕУ, што овојпат не се собираат сите релевантни податоци, па дури потоа започнува процесот на проверка на исполнетите услови за издавање на дозволата, но тој процес се одвива паралелно. Така, „Бајонтек“ и „Фајзер“ се во постојан контакт со државните институции, што го забрзува процесот.

Германскиот министер за здравство е оптимист во врска со понатамошниот развој на пандемијата.

„Голема е шансата да имаме вакцина во првиот квартал од следната година. Тоа е светлото на крајот од тунелот “, вели Јенс Шпан.

Слични содржини