Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел синоќа вети дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува војната на Украина против Русија се додека е потребно, додавајќи дека лидерите на ЕУ „масовно ќе го зголемат производството на муниција што треба да се испрати во земјата разурната од војната“.
Мишел се состана со романскиот претседател Клаус Јоханис во палатата Котрочени во Букурешт, каде што двајцата лидери разговараа за поддршката на ЕУ за Украина, безбедносните прашања во соседна Молдавија и напорите на Романија да се приклучи на Шенген зоната, објави АП.
– Повторно ја зголемуваме воената поддршка, а минатата недела се договоривме итно да испорачаме еден милион парчиња муниција во Украина – рече Мишел на прес-конференцијата.
Министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ минатата недела го одобрија планот за забрзана процедура за набавка за директни преговори со добавувачите на индустриска муниција во Европа и планираат да испратат еден милион парчиња муниција во Украина во следните 12 месеци.
Сепак, не сите членки на ЕУ сакаат да учествуваат во снабдувањето со муниција за Украина.
Претседателот Јоханис рече дека „ова не е време да се двоумиме во одржувањето на единството и солидарноста со Украина додека трае војната“, додавајќи дека поддршката мора да се одржи и зајакне на сите нивоа.
Двајцата лидери разговараа и за ситуацијата во Молдавија, кандидат за членство во ЕУ, која се соочи со долготрајна криза откако Москва започна војна во соседна Украина.
Мишел рече дека Русија и нејзините сојузници ги засилиле напорите за дестабилизација на Молдавија „преку спроведување сајбер-напади, организирање протести и други субверзивни активности“.
Денес Мишел ќе отпатува за Молдавија, каде во главниот град Кишињев ќе се сретне со претседателката на Молдавија Маја Санду и со премиерот Дорин Ресеан.