Ви пренесуваме дел од колумната на Ерван Фуере за Призма и за Балкан Инсајт:

Премиерот, кој сега се обврза дека неговата Влада во целост ќе го спроведе договорот од 15 јули, вклучувајќи ги и сите реформи, во минатото има дадено слични ветувања без да ги исполни. Која е гаранцијата дека овој пат ќе биде поинаку?
Сѐ додека тој и неговата партија продолжуваат да одрекуваат каква било вмешаност во прислушувањето, и покрај сите докази содржани во извештајот на Прибе, и додека одбиваат да прифатат одговорност за наводните прекршувања на владеењето на правото, нема многу надеж дека договорот постигнат со помош на ЕУ ќе се почитува.
Судејќи според искуството во последните девет години од оваа Влада, јавноста ќе биде изложена на постојани извртувања на вистината, слични на најлошите практики кои ги применуваат авторитарните режими во Белорусија и Русија.
Единствената опција е да се спроведе ригорозно, директно и постојано мониторирање од страна на ЕУ, ОБСЕ и Советот на Европа, како и од страна на невладините организации, преку таргетирани проекти поддржани од меѓународната заедница и насочени код сите пори на општеството.
Ова треба да вклучува и надзор врз медиумите, за да се пружи отпор на неизбежните манипулации и извртувања на пораките на ЕУ, од страна на владејачката партија и медиумите поддржани од Владата.
Одличниот „Сервис за проверка на факти од медиумите“, проект финансиран од УСАИД, е пример за тоа што треба да се направи.
ЕУ треба да ги примени истите ресурси кои ги користеше за да ѝ се спротивстави на руската пропаганда во врска со настаните во Украина. Тие подразбираат акција за да се зајакне севкупнотата медиумска средина, вклучително и поддршка за независните медиуми, како и подигање на свеста против активностите за дезинформирање.
Оваа недела во Скопје беше пресретнат и претепан уште еден новинар, сопственик на интернет портал којшто е критички настроен кон Владата. Македонија нема да може да избега од сегашниот кошмар сѐ додека владејачката партија продолжува ефективно да ја охрабрува културата на насилство и одмазда и да ги дискредитира многуте гласови кои повикуваат на промена и на почитување на основните човекови права.
Без промена во владиниот став и однесувања кои треба да ги видиме на дело, нема надеж за слободен и фер изборен процес следната година, ниту која и да било друга година.
Целата колумна на Призма и на Балкан Инсајт.