ЕУ најавува засилени напори за решавање на проблемите на превозниците од Западен Балкан

Европската унија и нејзините земји-членки ќе ги засилат напорите за изнаоѓање решение за проблемите поврзани со престојот на одредени професионални категории од земјите на Западен Балкан, меѓу кои и професионалните возачи, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Луиџи Сорека.

од desk4
12 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ 24

Европската унија и нејзините земји-членки ќе ги засилат напорите за изнаоѓање решение за проблемите поврзани со престојот на одредени професионални категории од земјите на Западен Балкан, меѓу кои и професионалните возачи, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Луиџи Сорека.

Сорека на социјалната мрежа Икс соопшти дека ЕУ ќе соработува со партнерските земји, вклучително и со Босна и Херцеговина, по предлогот на Европската комисија од минатата недела за нова визна стратегија која предвидува продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани на трети земји.

„Се разгледува и ново законодавство со посебни правила за продолжен краткорочен престој на ниво на ЕУ“, напиша Сорека по средбата во Сараево со министерот за транспорт и комуникации на БиХ, Един Форто, кој најави учество на состанок во Брисел со претставници на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Тој истакна дека ЕУ ги охрабрува надлежните институции во БиХ да соработуваат со земјите-членки на Унијата и со државите од регионот со цел постојните флексибилни и прагматични решенија да бидат максимално искористени.

Според него, ЕУ е подготвена да разгледа и дополнителни мерки во областа на транспортот и царинската соработка, во согласност со Планот за раст за Западен Балкан. Во тој контекст, Сорека ги повика властите во БиХ побрзо да напредуваат во спроведувањето на Реформскиот план, со цел целосно искористување на можностите за поголема интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

Проблемите со кои се соочуваат превозниците од земјите на Западен Балкан при транспорт на стока во шенген-зоната би требало да бидат решени со најавените измени на визниот режим, кои би овозможиле престој подолг од сегашните 90 дена во период од шест месеци.

Превозници од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Северна Македонија минатата недела неколку дена ги блокираа граничните премини кон Европската унија, но протестите беа прекинати откако ЕУ најави промена на визна стратегија.