ЕУ не го признава Уставотворното собрание во Венецуела

од Vladimir Zorba
114 прегледи

  Европската унија одби да го признае Уставотворното собрание, кое в неделата беше избрано во Венецуела и инсистира тоа да не ги презема функциите, изјави вечерва високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

– Изборите за Уставотворно собрание трајно ја влошија кризата во Венецуела, се наведува во писмената изјава на Могерини.

– ЕУ и нејзините земји-членки поради тоа не можат да го признаат Уствотворното собрание, се вели во изјавата.

Уставотворното собрание на Венецуела, кое беше избрано на барање на претседателот Николас Мадуро, првата седница ќе ја одржи утре во зградата на Парламентот, изјави Делси Родригес, поранешна министерка за надворешни работи, која сега е избрана за пратеник во тоа собрание.

– Ќе влезам утре со портретите на ослободителите Симон Боливар и командантот Уго Чавес во палатата на законодавната власт, од која тие портрети повеќе никогаш нема да излезат, рече Родригес.

Опозицијата, која има мнозинство во редовниот Парламент избран во 2015 година, планира да продолжи со парламентарните седници.