Делегацијата на Европската унија во земјава денеска излезе со свој став по одлуката за укинување на балансерот, нагласувајќи ја „важноста на континуираното спроведување на Охридскиот договор“.
-Ја нагласуваме важноста од континуирано спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој повикува на целосно почитување на принципот на недискриминација и еднаков третман, особено во јавната администрација.
ЕУ Делегацијата ја нотира одлуката на Уставниот суд. Одлуката на Судот доаѓа откако владата ги објави своите намери да го реформира системот и да го замени Балансерот. Очекуваме да ги видиме предлозите, стои во ставот на Делегацијата.
-Да не се избрзува со носење на закон кој ја третира правичната застапеност на етничките заедници во јавниот сектор, порача денес министерот за администрација Горан Минчев. Според него, потребно е решение кое ќе биде одржливо на долг рок и во чие креирање ќе бидат вклучени и експертите.
Коалицискиот партнер ВЛЕН тврди дека имаат готов Закон. Ги чекаат мислењата на меѓународните партнери, по што решението ќе влезе во собраниска процедура.
-Со укинување на балансерот се удира по темелите на Рамковниот договор, вели Зијадин Села кој е дел од Европскиот фронт.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека останува примената на начелото за соодветна и правична застапеност, но со објективни критериуми за избор на најдобриот кандидат за вработување.
Балансерот беше воведен во 2016-тата година.