Европската унија одобри дополнителна воена помош за Украина во вредност од 500 милиони евра, додека Берлин е под притисок да испорача тенкови Леопард од германско производство во Киев.
Договорот за седмиот пакет помош е постигнат на денешната средба на 27-те министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, откако западните земји минатата недела не успеаја да се договорат за испраќање борбени тенкови во Украина, но ветија поддршка вредна милијарди, пренесува Ројтерс.
Покрај пакетот од 500 милиони евра, одобрени се дополнителни 45 милиони за „несмртоносна опрема“ и за воена обука на ЕУ за Украина, изјави дипломат од ЕУ, што беше потврдено од два други извори по состанокот на министрите зад затворена вратите. Германските тенкови Леопард, испорачани од армиите низ Европа, се сметаат за најпогодни за Украина, но Берлин мора да го одобри нивното распоредување.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека условот неговата земја да испрати германски тенкови Леопард да и помогне на Украина е тоа да го стори „во коалиција со барем мала група земји“, но дека сега има трошка надеж дека самата Германија на крајот ќе ги испрати тенковите.
„Ќе побараме дозвола (од Германија) да испратиме тенкови Леопард во Украина, но тоа е секундарно прашање. Услов за тоа е барем да се создаде мала коалиција на држави подготвени да го сторат истото“, рече Моравјецки.
Се очекуваше министрите да разговараат, но не и да одлучат, за користењето на руските средства замрзнати во Европа за да помогнат во обновата на Украина, како и за десеттиот пакет санкции против Русија, кои ќе стапат на сила следниот месец. Унгарија, сепак, го сигнализираше своето противење на дополнителни санкции, особено ако тие би ја ограничиле соработката на Будимпешта со Москва за нуклеарната енергија.
„Сите одлуки кои би можеле да ја продолжат војната или да доведат до потенцијална ескалација се против нашите интереси. Докажано е дека санкциите ја водат Европа во ќорсокак“, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.