ЕУ по седум години повторно вработува администратори: позната платата, „работа за цел живот“

По седумгодишна пауза, Европска унија повторно го отвора престижниот конкурс за вработување нова генерација високи администратори кои ќе учествуваат во управувањето со второто најголемо светско стопанство.

од desk4
10 прегледи

По седумгодишна пауза, Европска унија повторно го отвора престижниот конкурс за вработување нова генерација високи администратори кои ќе учествуваат во управувањето со второто најголемо светско стопанство.

Европска комисија, која последен ваков конкурс спроведе во 2019 година, со новата селекција сака да внесе „свежа крв“ во институциите во Брисел. Кандидатите што ќе го поминат процесот ги очекуваат високи примања и стабилна, долгорочна кариера, пренесува „Политико“.

„Ова е работа за цел живот“, вели Андраш Банет, извршен партнер во компанијата EU Training, која ги подготвува кандидатите за конкурсот. „Станува збор за извонредна можност за предвидлив развој на кариерата, како и за плата и бенефиции што одат со неа.“

Успешните кандидати ќе бидат вработени на позициите од ранг AD-5, со месечна плата од 5.973 до 6.758 евра, со можност за напредување во хиерархијата и преземање влијателни улоги во кабинетите на еврокомесарите, елитни советнички тимови што учествуваат во креирањето клучни политики.

Конкурсот за дипломци од општ профил, што го спроведува Европскиот уред за селекција на персонал (EPSO), се отвора овој четврток и ќе трае до 10 март. Селекцискиот процес вклучува психометриски тестови, проверка на знаења за ЕУ и пишување есеј за кандидатите што ќе ги поминат почетните фази.

Од Комисијата посочуваат дека претседателката Урсула фон дер Лајен како приоритет го поставила привлекувањето помлади и талентирани луѓе, во институција што традиционално има строга хиерархија.

„Многу е важно да привлечеме млади, амбициозни кадри со поинаков начин на размислување“, изјави висок функционер на Комисијата, кој побара да остане анонимен. „Дел од сегашните службеници наскоро ќе заминат во пензија и мораме да обезбедиме доаѓање на следната генерација јавни службеници, особено оние што ги разбираат технологиите на иднината.“

Седумгодишната пауза, според Комисијата, е резултат на преминот кон целосно онлајн тестирање, со што се скратило и времетраењето на конкурсните постапки на EPSO.

Интересот се очекува да биде голем, проценките се дека ќе се пријават околу 50.000 кандидати. Според Банет, околу 1.200 од нив ќе добијат директна понуда за работа, додека останатите ќе бидат ставени на резервна листа, од која само околу 30 проценти подоцна навистина ќе бидат вработени.

Многу од помладите меѓу приближно 33.000 вработени во Комисијата моментално работат со краткорочни договори или преку агенции, со помалку бенефиции и помала сигурност. Токму затоа, како што велат потенцијалните кандидати, овој конкурс се доживува како ретка шанса за стабилна кариера во институциите на ЕУ.