Патување со воз низ Европа што се случува еднаш во животот – за многумина тоа е олицетворение на слободата. 36.000 млади Европејци повторно имаат шанса да освојат бесплатен билет за воз низ целиот континент.
Европската комисија го објави почетокот на следната рунда на програмата за патување „DiscoverEU“, а во неа можат да учествуваат и државјани од земјите на ЕУ, како и Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Турција и Србија.
Младите можат да аплицираат за билетите до 18 октомври до 12 часот, соопшти Комисијата во Брисел, пишува „ДВ“.
Кој сака да освои бесплатен билет, прво мора да го покаже своето знаење во краток квиз. Победниците можат да патуваат низ Европа до 30 дена помеѓу 1 март 2024 и 31 мај 2025 година.
Програмата е наменета за млади на возраст од 18 и повеќе. Поточно, може да учествуваат сите родени од 1 јануари до 31 декември 2005 година. Учесниците со попреченост или здравствени проблеми можат да донесат придружба.
Иницијативата „DiscoverEU“ започна во 2018 година и беше замисла на активистите Винсент-Имануел Хер и Мартин Шпер. Нивниот предлог на секој граѓанин на ЕУ да му се даде „Interrail“ билет за неговиот 18-ти роденден и на тој начин да се запознае со континентот, наиде на голема поддршка од политичарите и општеството.