ЕВРОПСКАТА УНИЈА препорачува земјите-членки да тестираат патници од Кина за коронавирус, иако блокот не успеа да се договори за задолжително тестирање.
По денешниот состанок на здравствените експерти од земјите членки во Брисел, шведското претседателство со Советот на Европската унија соопшти дека силно се препорачува земјите на Унијата да бараат негативен тест за корона за патниците од Кина, не постар од 48 часа пред поаѓање.
Постигнат е договор и да се препорача носење медицински или FFP2 маски во авионите од Кина. Одлуките не се обврзувачки, но се сметаат за важни упатства. Мерките ќе бидат преиспитани кон средината на месецот.
СЗО: Нема нови мутации на корона во Кина
Ниту една нова варијанта на вирусот досега не е пронајдена во Кина, покажуваат податоците објавени од Светската здравствена организација (СЗО), со што се ублажува дел од загриженоста за инфекцијата што брзо се шири во Кина откако Пекинг стави крај на „нулта ковид“ пристап кон пандемијата.
Мнозинството жители на Кина, 97,5 отсто од нив, се заразени со подваријантите на омикрон BA.5.2 и BF.7, објави СЗО. Тие податоци се засноваат на анализа на повеќе од 2.000 геноми на кинескиот центар за контрола и превенција на болести.