Во пресрет на денот кога се одбележува трагичната втора годишнина од целосната агресивна војна на Русија против украинската држава со очигледно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН, Европската унија останува на својата определба секогаш да ја поддржува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, се наведува во заедничката изјава на претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и на Европскиот парламент, Роберта Мецола по повод двегодишнината од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
– Две години насилство, бруталност, терор и уништување. Никогаш нема да го заборавиме почетниот шок од нападот, ужасот од настаните во Бородинка, Буча, Мариупол. Сепак, и покрај сите континуирани злосторства и страдања што и се нанесуваат низ целата земја, Украина стои цврсто. Херојскиот украински народ демонстрира цврстина и решителност во одбраната на својата татковина и борбата за својата слобода и нашите заеднички европски вредности, се наведува во изјавата, во која се додава дека постојаната агресија на Русија против Украина всушност започна пред 10 години со нелегалната анексија на Крим и Севастопол.
Претседателите на трите главни институции на ЕУ посочуваат дека Русија и нејзиното раководство сносат единствена одговорност за војната, нејзините глобални последици, како и за извршените тешки злосторства, при што Унијата останува решена да бара нивна одговорност, вклучително и за кривичното дело „агресија“.
– Украина секојдневно се соочува со постојани брутални и неселективни напади на нејзиниот агресор. Повеќе од кога било, остануваме обединети и доследни на нашето ветување дека ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно. За народот на Украина, за мирот и безбедноста во Европа и за да надвладее меѓународниот поредок заснован на правила. Европската унија ќе продолжи со својата силна и непоколеблива политичка, воена, финансиска, економска, дипломатска и хуманитарна поддршка за да и помогне на Украина да се одбрани, да го заштити својот народ, нејзините градови и нејзината критична инфраструктура, да го поврати нејзиниот територијален интегритет, да ги врати илјадниците депортирани деца и да доведе до крај на војната, се нагласува во заедничката изјава.
Мишел, Фон дер Лајен и Мецола потсетуваат и дека Европската Унија донесе одлука да започне пристапни преговори со Украина и да и помогне на земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.
– Иднината на Украина е во Европската Унија. Европската унија ќе продолжи да и дава на Украина редовна и предвидлива финансиска поддршка. Пакетот финансиска помош од 50 милијарди евра за периодот 2024-2027 година ќе и помогне на Украина да ги задоволи своите итни потреби, да ја обнови економијата и општеството, да ги модернизира институциите и да ги консолидира демократијата и владеењето на правото, посочуваат тројцата претседатели на европските институции.
Тие посочуват дека ЕУ ќе продолжи со напорите за покривање на итните воени и одбранбени потреби на Украина, вклучително и испораката на муниција и проектили и за таа цел презеде активности без преседан за да го зголеми производството на европската одбранбена индустрија и ќе продолжи да ги зголемува нејзините капацитети, што ќе ни овозможи засилување на воената поддршка на земјата, а истовремено и да ги зајакне соствената одбранбена подготвеност и суверенитет.
– Ние, исто така, работиме на идните безбедносни обврски кои ќе и помогнат на Украина да се одбрани, да се спротивстави на напорите за дестабилизација и да ги одврати актите на агресија во иднина, се додава во изјавата.
Мишел, Фон дер Лајен и Мецола нагласуваат дека Русија и нејзините лидери ќе платат се поголема цена за своите постапки.
– Заедно со партнерите, воведовме санкции без преседан против Русија и оние кои се соучесници во војната и остануваме подготвени да го зголемиме притисокот врз Русија за ограничување на нејзината способност да води војна. Ги презедовме и првите конкретни чекори кон насочување на извонредните приходи што произлегуваат од руските блокирани средства за поддршка на Украина. Ќе продолжиме со нашите насочени акции за понатамошна изолација на Русија во меѓународните форуми, се истакнува возаедничката изјава.
Во текстот се потенцира дека ЕУ се залага за постигнување праведен, сеопфатен и траен мир во Украина заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и сдека ги подржува сите напори за одржување Глобален самит за мир со најширока можна меѓународна поддршка.
Денес, нашите знамиња ќе се веат едно до друго како симбол на нашата солидарност, посветеност и решителност, додаваат претседателите на Советот на ЕУ, Мишел, на ЕК, Фон дер Лајен и на Европарламентот, Мецола во заедничката изјава по повод двегодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина.