Делегацијата на Европската Унија денеска јавно ќе го означи почетокот на проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.
На настанот ќе присуствуваат претставници од Министерството за информатичко општество и администрација, а претставени ќе бидат клучните цели на проектот: усогласување на законодавството со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, зајакнување на институционалниот капацитет и независноста на националното регулаторно тело за медиуми (АВМУ) за да се гарантира имплементацијата на правната рамка, унапредување на правната рамка за националниот јавен радиодифузен сервис (МРТ), според европските стандарди и обезбедување негова финансиска стабилност и независност, анализа на медиумскиот пазар и предлагање политики и законски решенија за подобрување на конкурентноста, одржливоста и плурализмот, давање препораки за правни, регулаторни и саморегулаторни механизми со кои може да се одговори на предизвиците што ги поставува новото дигитално медиумско опкружување, како и унапредување на законската заштита на социјалните и работничките права на новинарите.
Презентирани ќе бидат и првите наоди од проектот во однос на усогласувањето на медиумската легислатива со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги и ќе се претстави Патоказот на Министерството за процесот на консултации и спроведување на потребните реформи.