ЕУ размислува за минимизирање на правото на вето во заедничката надворешна политика: Што би значело тоа за Македонија?

од Nikola Popovski
607 прегледи

ЕУ се соочува со се погласни барањата за укинување на ветото на земјите членки во надворешната политика. Соочена со новите предизвици од војната во Украина, Европската унија тешко донесува одлуки како да се справи со нив. Натегањето меѓу членките постојано се заканува со неуспех на акциите и со болни компромиси, но и со екстремни барања на некои од нив, гледајќи шанса да ги остварат нивните интереси. Девет земји-членки на ЕУ го покренаа прашањето. Од Групата на пријатели како што се нарекуваат овие земји членки сметаат треба да се поттикне гласањето со квалификувано мнозинство во Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ.

Симонида Кацарска

Експертите сметаат дека е посебно добро што овој предлог доаѓа од најголемите земји-членки, како Германија, Франција, Италија. Директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска во разговор за „Локално“ вели дека предлогот на 9-те земји членки за ограничување на правото на вето во надворешната политика на ЕУ е дел од онаа дискусија која што долго време се води во Унијата во однос на реформите за внатрешното одлучување. Сепак порачува дека треба да бидеме свесни дека воедно постојат предлози од останатите земји-членки, особено дел од помалите нови земји-членки кои што одат во спротивен правец.

-Ова прашање се очекува да биде во предмет на дискусија и во контекст на она што се нарекува француско-германска иницијатива за реформите во Унијата и во контекст на заклучоците од минатата година од Конференцијата за иднината на Европа. Треба да бидеме свесни дека вакви дискусии постоеја и во минатото и не вродија со плод. Сепак, несомнено е дека сега е периодот во кој што Германија стои најцврсто позади ова, заедно со Франција, така да на долг рок може да се очекува одреден исчекор, но не брзо. Овие правила во ЕУ не се менуваат брзо и не ги видовме променети досега, потенцира Кацарска.

Што би значело ова за Македонија?

Македонија во овој контекст треба да ги следи овие дискусии, меѓутоа исто така треба да бидеме свесни дека не се резултат само на ситуциите со проширувањето, посочува соговорничката. Тврди дека ЕУ има многу поголеми и посериозно проблеми со кои се занимава внатре и во кој што честопати ветото се злоупотребува.

-Оние предлози кои што се однесуваат во однос на проширувањето, пред се предлагаат ветото да се укине во одредени фази на процесот. На крајот, за членство на нова држава веројатно нема никогаш да доживееме, ниту пак ЕУ ќе ги промени правилата да го одзеде правото на вето на државите. Секако дека оваа одлука секогаш ќе можеме да очекуваме дека ќе биде со консензус и нема да биде предмет на овие потенцијални промени, ни рече Кацарска.

Андреја Стојковски

Од друга страна, директорот на институтот „Преспа“, Андреја Стојковски за „Локално“ вели дека иницијативата на 9-те земји се однесува за заедничка надворешна и безбедносна политика, а не за моментот за проширување. Објаснува дека политиката на проширување е посебна политика, да припаѓа на корпусот на надворешни односи на Унијата, меѓутоа како што вели, не е дел од една заедничка и надворешна политика.

-Во иднина ќе се избегнуваат ветата ако успее иницијативата, само во однос на заедничката ндворешна и безбедносна политика – не и за проширувањето. Многу малку е веројатно да дојдеме до промена на системот на гласање и одлучување кај политиката на проширување, барем во овој момент, додава Стојковски.

Оценува дека нашата јавност треба да гледа на ова како на прогрес во однос на начинот на функционирање на Унијата.

-ЕУ станува свесна за тешкотиите на своето одлучување и се обидува истиот да го промени и да го модификува и прилагоди на современите потреби, кои што викаат дека одлуките можат да се носат многу побрзо и многу поедноставно, заклучува Стојковски.

Н.П.

Слични содржини