Министрите за внатрешни работи на Европската унија (ЕУ) изразија желба на состанокот во Луксембург да се забрза враќањето на илегалните странци кои се сметаат за опасни, по нападите во Франција и Белгија од страна на радикализирани поединци.
„Лице кое претставува закана за безбедноста на една земја-членка е закана и за безбедноста на другите земји-членка на ЕУ. Затоа треба да биде задолжително овие лица веднаш да бидат вратени“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Предлогот претставен во 2018 година за ревидирање на сегашната „директива за враќање“ на странците им забранува на земјите-членки да постават период за доброволно враќање на државјаните на трети земји во нерегуларна ситуација, а кои претставуваат закана за јавната безбедност, пренесува „Бета-АФП“.
Меѓутоа, таа директива беше блокирана во Европскиот парламент.
„Очекуваме Европскиот парламент да усвои заеднички став. Сега е време за тоа“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас.
Двајца шведски навивачи беа убиени во понеделникот вечерта во Брисел, а уште еден повреден во напад на Тунижанец кому претходно му било наредено да ја напушти белгиската територија.