Европската унија се сврте кон популарните музичари во обид да ги анимира младите да учествуваат на европските избори во јуни.
Откако популарната американска пејачка ги повика младите Американци да се пријават за гласање во септември минатата година, се пријавија 35.000 Американци, Европската комисија сака да го искористи нејзиното влијание и врз европската младина.
„Тејлор Свифт ќе биде во Париз на концерт на 9 мај, Денот на Европа, па се надевам дека истото ќе го направи и за младите Европејци. Многу се надевам дека некој од нејзиниот медиумски тим ќе ја следи оваа прес-конференција и ќе и го пренесе нашето барање“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас.
Покрај Тејлор Свифт, претставници на ЕУ се обидуваат да стапат во контакт со уште неколку музичари, за евентуално да им помогнат во регрутирањето млади луѓе за изборите.
Розалија, Манескин и Стромае се на врвот на нивната листа на музичари, на кои би можеле да им се придружат познати спортисти.
Претставниците на ЕУ сакаат да го зголемат учеството на младите на изборите, бидејќи анкетите покажуваат дека овогодинешните избори може да доведат до зголемување на поддршката за екстремната десница низ целиот блок.
На последните избори за Европскиот парламент во 2019 година гласале 42 отсто од оние до 25 години со право на глас и 47 отсто од возрасната група од 25 до 39 години, додека вкупната излезност била нешто поголема од 50 отсто.
Европските избори ќе се одржат од 6 до 9 јуни.