Нема мнозинство за избор на нов претседател на Европската комисија – драмата околу изборот на првите луѓе во европските институции продолжува. Нема единство ниту околу климатските цели поставени за 2050 година.
Самитот на ЕУ донесе двоен неуспех. Заложбата за климатска неутралност до 2050 година беше ставена на дневен ред, но потребното единство на шефовите на држави и влади изостана. Прстот за неуспехот да се постигне договор околу персоналните одлуки е вперен кон Ангела Меркел и Емануел Макрон: тие не можеа да се договорат околу заедничко персонално решение. За десет дена ќе има нов самит и втор обид да се достигне комплексниот баланс на моќ во европското раководство.
Борба за врвни позиции
„Нема мнозинство за ниту еден од врвните кандидати”, изјави Ангела Меркел. Така тројцата кандитати од европските избори, Германецот Манфред Вебер од конзервативните Европски народни партии, Данкињата Маргрет Вестагер од Либералите и Холанѓанецот Франс Тимерманс од Социјалдемократите, се надвор од игра. Ниту еден од нив нема мнозинство во парламентот поради што и шефовите на држави и влади јасно ставија до знаење дека нема единство ни во Советот.
Во овој персонален рингишпил, кој се врти во ЕУ на секои пет години, се бара нов претседател на Европската комисија, бидејќи актуелниот Жан Клод Јункер веќе не се кандидира. Истовремено се бираат претеседатели за Парламентот и на Советот на ЕУ. Исто така треба да се пополнат и местата за специјален претставник на ЕУ за надворешна политика, а кон крајот на годината, ќе се избира и наследникот во веројатно најважното столче – прв човек на Европската централна банка.
Повеќе:
Персонална сложувалка на ЕУ-самитот
Социјалдемократите во Европа: Падови и подеми
ЕУ-расправија за врвните позиции
Со недели во медиумите се вртатат имиња на кандидати, меѓу кои Манфред Вебер како прв човек на Европската народна партија во Европскиот парламент, тој беше претставен како речиси сигурен избор. Ако се оди според волјата на Советот, по неколку децениска доминација на мажите, конечно барем две жени треба да добијат некоја од врвните позиции. За тоа ЕУ веќе постигна договор. Исто така и источноевропските земји не треба да бидат заобиколени во распределбата на позиции, а покрај ЕНП, треба да бидат задоволени и Социјалдемократите и Либералите, како и да има баланс на релација Север- Југ.
Поради ваквите различни констелации има последици врз процесот. Ако Германија по пропаѓањето на кандидатурата на Манфред Вебер не добие врвна позиција, тогаш нема да има такво место ниту за Франција. Претседателот на Советот Донал Туск на крајот од средбата околу полноќ изјави: „Потребен ни е (персонален) пакет кој ќе ја рефлектира различноста на ЕУ. Најидеално би било, поради внатрешен баланс да биде избрана жена од источноевропска земја за Европската комисија. Во овој контекст најмногу се споменува директорката на Светска банка и поранешен еврокомесар, Кристалина Георгиева од Бугарија.
Што е со идејата за водечки кандидати?
Она што ја попречува произволната распределба на функции од страна на шефовите на држави и влади и правото на парламентот кое произлезе на претпоследните европски избори, преку системот со т.н.водечки кандидати на земјите членки квази да им се наметне еден кандидат. Иако според европските договори Советот на Европа решава за претседател на Европската комисија, сепак за тоа мора да има консултации со Европскиот парламент. Европските народни партии особено интензивно работеа на таквиот план и уште пред католичкиот Божиќ минатата година го номинираа Манфред Вебер како нивен водечки кандидат. Од тогаш Баварецот беше на турнеја низ главните градови и во кампањата и низ земјите членки на ЕУ, за да обезбеди поддршка за себе. Канцеларката Меркел повеќе пати застана зад процесот со врвните кандидати и секако зад својот партиски колега Вебер. Сепак, аналитичарите често пати забележуваа дека нејзината поддршка понекогаш делувала делумно декларативна. Таа сега веднаш се дистанцираше.
Како Манфред Вебер испадна од трката?
Канцеларката Меркел одамна знаеше дека претседателот на Франција не го сака германскиот кандидат. Не поради тоа што е конзервативен, туку зашто е неискусен, изјави Макрон. Вебер никогаш не бил на владина функција, а тој сакал да има некој со кого ќе може да преговара на „исто рамниште”. А, фронтот контра Вебер е со Шпанија, Португалија, Холандија, Белгија и други земји и онака доволно голем. Покрај тоа му фали и мнозинство во Европскиот парламент. Европските народни партии на изборите изгубија мандати во парламентот. И натаму се најсилна фракција, но правото на местото на претседател на Европската комисија не е веќе толку неоспорно. Социјалдемократите и Либералите кои добија засилување од партијата на Макрон, одбија да го поддржат. Заради таквата ситуација во парламентот владите се повторно на потег. Тие мораат да ја решат блокадата и да предложат пакет со персонални решенија кои парламентот ќе може да ги одобри. Во таквата борба на моќ меѓу Советот и Европскиот парламент, парламентарците ја изгубија првата рунда. За процесот со врвни кандидати можеби ќе има нова шанса на следните европски избори
Климатските цели како фуснота
Единство не беше постигнато како за персоналните решенија, така и за климатските цели. Последно од Берлин беа направени отстапки и се врати надежта дека во ЕУ ќе се заземе единствен став и обврска за „климатска неутралност до 2050″. За да не биде некој земја префорсирана, целта беше прилично разводнета. Имено, националните околности и енергетскиот микс притоа би требало да бидат земени во предвид. Претседателот на Франција Емануел Макрон уште на почетокот на средбата беше убеден дека ќе има растечки консензус за амбициозни заклучоци. Но, по повеќечасовните консултации немаше основа за договор. ЕУ мораше климатската цел за 2050 да ја помести во фуснота на заедничкиот заклучок. Во текстот се повикува на „Парискиот договор” и долу на страницата се посочува дека повеќето земји тоа го сфаќаат како климатска неутралност до 2050 година. Причина за тоа е пред сѐ отпорот од полската влада, која беше поддржана од Унгарија и Чешка, односно Вишеградските држави со исклучок на Словачка. Организации за заштита на климата остро го критикуваа таквиот исход. „ЕУ мора да го поправи овој пропуст на следната средба пред самитот на ООН во септември годинава. Инаку од предводник во борбата за заштита на климата ќе се претвори во губитник”, објави европската мрежа за климатска заштита КАН. И од Гринпис реагираа со разочарување: „Меркел и Макрон не успеаја да ја убедат Полска и да ги придобијат и останатите спорни.” Шефицата на фракцијата на Зелените во Европскиот парламент, Ска Келер, рече дека е срамно што на шефовите на држави и влади не им успеало да се договорат ниту за една таква далечна цел. Невладината организација „Пријатели на земјата” критикува и дека заштитата на климата била премалку застапена во петгодишниот акциски план, како и во буџетот на ЕУ. Иако признаваат дека Европа мора да преземе мерки, сепак шефовите на држави и влади според нив требало да покажат повеќе лидерство за во следните години да превенираат пропаст на климата и на еколошките системи. Единствен преговарачки успех на оваа средба е договорот дека санкциите против Русија поради анексијата на полуостровот Крим и ситуацијата во источна Украина ќе бидат продолжени и во наредните шест месеци.