Земјите-членки на Европската унија (ЕУ) и преговарачите од Европскиот парламент (ЕП) се договорија за привремен договор чија цел е да се намали потрошувачката на енергија во Унијата.
Договорот бара од земјите на ЕУ заедно да ја намалат потрошувачката на енергија за 11,7 отсто во споредба со проценката на потрошувачката за 2030 година направена пред три години.
Тоа е дел од Европскиот зелен договор од 2020 година, односно плановите на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година и останува официјално да биде усвоен од ЕП и Европскиот совет.
Европската комисија ја поздрави привремената спогодба, која, исто така, утврдува мерки за борба против енергетската сиромаштија и промовирање на локални планови за греење и ладење во градовите со повеќе од 45.000 жители.
Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, кој го надгледува Европскиот зелен договор, рече дека „заштедата на енергија е клучен чекор кон спасување на планетата“.
„Во последните месеци, Европејците покажаа дека се подготвени и способни да се соочат со овој предизвик, а нашата индустрија докажа дека може да ја оптимизира употребата на енергија и производствените процеси“, рече тој.