ЕУ ѝ се закани на Велика Британија: Нема Брегзит без компромис

од Stefanija Kuzmanovska
280 прегледи

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, го предупреди својот британски колега Дејвид Фрост дека Брисел ќе се повлече од договорот за Брегзит во следните 48 часа, освен ако Лондон драстично не ја промени својата преговарачка позиција.

Барние му кажал на Фрост дека понатамошните преговори за разделување на Унијата и Велика Британија ќе бидат бескорисни ако Лондон не покаже подготвеност за компромис.

Претходно денес, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ е подготвена „креативно“ да пристапи кон преговорите и да постигне договор со Лондон, но призна дека има малку време да се постигне договор, бидејќи преодниот рок истекува за еден месец.

Предвидено е Барние викендов да се состане со властите во Лондон и уште еднаш да се обиде да постигне договор за излегување на Велика Британија од ЕУ.

Точно на 31 декември истекува преодниот рок за Велика Британија, која официјално се повлече од членството во ЕУ на 31 јануари. До 31 декември, европските стандарди ќе се применуваат во Велика Британија.

Без трговски договор со кој би биле договорени идните односи, Лондон и Брисел се изложени на ризик од економски шок, што ќе се надоврзе на веќе постоечката криза поради епидемијата на коронавирус.

Доколку биде постигнат договор за време на викендот, лидерите на ЕУ ќе се состанат на 10 декември, а Европскиот парламент ќе одржи вонредна седница на 28 декември за да го потврди договорот. Сепак, пред сè, парламентите на 27-те земји-членки мораат да го ратификуваат договорот за Брегзит.

Слични содржини