ЕУ во минатото не повика на сеопфатен ветинг на судиите и обвинителите во Северна Македонија. Како општ принцип, ветингот треба да се разгледува само откако ќе се исцрпат постоечките алатки и механизми како што е јасно наведено од Венецијанската комисија, велат во изјава за „Локално“ од Делегацијата на ЕУ во земјава, откако претседателот Стево Пендаровски порача дека жали што ги послушавме советите на официјален Брисел и не спроведовме системски промени.
Од Делегацијата на ЕУ додаваат дека Европската комисија во својот извештај за земјата за 2023 година забележа сериозна загриженост за несоодветното надворешно влијание врз работата на Судскиот совет и судството во земјава. Посочуваат дека во извештајот се препорачува Судскиот совет да биде чувар на интегритетот и независноста на судиите и институциите и цврсто да отфрли какво било надворешно влијание.
-Понатаму, меѓу четириесетте препораки на Рецензионата мисија на Судскиот совет издадени во декември 2023 година има јасни насоки како да се подобри функционирањето на ова тело. Промената може да започне кога членовите на Советот ќе усвојат препораки кои спаѓаат во негова сопствена одговорност. Ваквите активности треба да одат рака под рака со вистинска и далекусежна реформа на судството врз основа на неодамна усвоената Развојна стратегија за реформи во правосудството 2024-2027 година, стои во одговорот од ЕУ Делегацијата.
Пред два дена, шефот на државата во интервју кажа дека проблемите во македонското правосудство се присутни долги години наназад и дека се системски, односно структурни. Тој проблем, како што рече Пендаровски, не се решава со неколку разрешувања или кадровски промени.
-Станува збор за системски проблем и тој може да се реши или да се ублажи само со системски промени. Една од тие системски промени, е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг, подвлече Пендаровски.
Уште пред неколку години се зборува за потребата од ветинг на судиите и обвинителите за да може во државава да се спроведат суштински реформи во судството. Начелно сите се за ветинг, а се бара тој да не биде ограничен само на судството, туку и на институциите и политичарите.
На 31-ви јануари 2020 година пратеничката група на ДУИ до парламентот поднесе предлог-закон за ветинг за лица кои се носители на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт. Со овој закон се предвидуваше формирање на Агенција што ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат. Законот не помина, а десет дена подоцна Собранието се распушти поради закажаните избори.
Н.П.