Ние директно добивме 80 милиони евра за директна буџетска поддршка, за да се компензира разликата во цените за електрична енергија. ЕУ веќе почна да не третира како да сме земја-членка и како да сме дел од заедницата. Не внесе во платформата за купување на гас и енергенси, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи во однос на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и пакетот за енергетска поддршка на земјава.
Османи посочува дека не треба да се потценува посетата на Фон дер Лајен.
-Мораме да постигнеме договор со политичките партии, дека до 2030 година кој и да е на власт, прашањето на ЕУ да не се става во дневнополитичката агенда. И да е влада на СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ, тие регулативи вие мора да ги прифатите. Крајно време да седнеме и да потпишеме таков договор дека кој и да е власт, за прашања на ЕУ, ќе се поддржуваме. Владата преку институциите, опозицијата преку свои механизми во Собранието, ќе ја споделиме и одговорноста и заслугите за успехот понатаму, побара министерот на прес-конференција.