Министерот за одбрана Владо Мисајловски и високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска (23 мај) ја посетија регионалната организација Балкански медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force) во Скопје. Таму направија увид во опремата што Европската Унија ја обезбеди како поддршка за развојот на оваа иницијатива.
Министерот Мисајловски рече дека помошта од ЕУ и сојузниците е резултат на посветеноста и професионалноста на македонските одбранбени сили во зачувувањето на мирот и безбедноста во регионот. Европската Унија ја поддржува Македонија со опрема вредна 40 милиони евра, која ќе ја зајакне Армијата во области како инженеринг, воена медицина, пешадиска група, логистика, разузнавање, електронско војување, комуникации и обука на персонал.
Каја Калас ја оцени Балканската медицинска сила како пример за успешна регионална соработка, која спасува животи и ја поддржува ЕУ и политички и финансиски. Таа ја потенцираше довербата во Северна Македонија како партнер во безбедносните политики на ЕУ и нагласи дека добрата геостратешка ориентација на земјата може да отвори пат за уште подлабока одбранбена соработка.
Балканските медицински наменски сили се меѓународна организација со седиште во Скопје, составена од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора, која обезбедува брза и координирана помош при природни и други катастрофи.