Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која Русија ја прогласува за држава покровител на тероризмот поради војната против Украина и уништувањето на цивилната инфраструктура во земјата.
Европратениците усвоија резолуција во која посочија дека намерните напади и злосторства извршени од руските сили и нивните агенти врз цивилите во Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура и другите сериозни прекршувања на меѓународното и хуманитарното право, претставуваат терористички акт и воени злосторства. Во овој контекст, Русија се смета за држава покровител на тероризмот и држава која „се служи со средства на тероризам“, објави Европскиот парламент.
Во резолуцијата се истакнува дека Русија е одговорна за убиствата на многу цивили во Украина и другите војни во кои учествувала, во Чеченија и Сирија, како и за убиствата на политичките противници во земјата и во странство.
Со оглед на тоа што ЕУ во моментов не може официјално да прогласува држави за покровители на тероризмот, Парламентот бара да се донесе соодветна правна рамка. Исто така, предлага и Советот потоа да ја разгледа можноста за додавање на Русија на таквата листа на ЕУ.
Ова би предизвикало силни рестриктивни мерки против Москва и би имало значителни рестриктивни последици за односите на ЕУ со Русија.