„Еурактив“: ЕУ остава впечаток на незаинтересираност за отворање на вратата за нови членки од Балканот

од Берта Китинска
315 прегледи

Фактот што Бугарија го блокираше стартот на преговорите за пристапување кон ЕУ со С. Македонија не е ниту новина, ниту изненадување. Постои долга историја на соседски пречки на патот кон членство во ЕУ. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата со Пиранскиот Залив, Хрватска веднаш штом стана членка на ЕУ ги блокираше преговорите на Србија, а Бугарија го стори истото на кусо пред три години, заради позицијата на нејзиното малцинство во Србија,пишува за Еурактив Орхан Драгаш од Меѓународниот институт за безбедност во Белград, автор на книгата „Двете лица на глобализацијата – вистината и измамите“.

„Македонците се емотивни луѓе и веројатно им падна многу тешко да го издржат ненадејното оладување на кое беа изложени за само неколку дена – од ентузијазмот за првото учество на следното Европско првенство во фудбал, до друга, нова блокада на нивниот пат кон членството во ЕУ“, наведува Драгаш.

Тој потестува и дека Грција со децении ја блокираше земјава без никакви шанси да се интегрира во ЕУ и НАТО, се додека не го смени името.

– За цело тоа време, ЕУ повторуваше дека нерешените соседски проблеми не смеат да бидат причина членка на ЕУ да стави вето на својот сосед што не е членка на Унијата. Но, кој би поверувал во тоа, особено по бугарското вето? Значи, проблемот не е во тоа што Бугарија го условува пристапувањето на Македонија, Бугарија ја користи само својата позиција на членка на ЕУ за да постигне некои нејзини надворешно-политички интереси, на ист начин како што тоа го правеа многу други претходно. И тоа е целосно легитимно. Но, проблемот е во тоа што ЕУ нема желба и начин да ги обесхрабри и спречи ваквите еднострани активности на нејзините полноправни членки, заклучува Драгаш.

Според него, со својот однос кон фактот дека Бугарија ја условува Северна Македонија со историски и идентитетски прашања, ЕУ и Германија како нејзин актуелен претседавач оставаат впечаток на „најголема и најотворена незаинтересираност досега за отворање на вратата за нови членки од Балканот“.

Ниту Брисел, ниту главните европски метрополи не се обидуваат да најдат утешни, оптимистички зборови за оние кои сè уште се во чекалната, тие едноставно веќе немаат волја за тоа, додава експертот.

Слични содржини