„Еуроникел“: Имаме А-интегрирана еколошка дозвола, средината во која работиме е чиста

од Vladimir Zorba

Во врска со информациите пласирани во јавноста на емисијата со наслов „Заговор против воздухот“, Еуроникел Индустри соопшти дека е носител на А-интегрирана еколошка дозвола. Согласно бројните обврски што произлегуваат од оваа дозвола, меѓу кои и квалитетот на воздухот, во и околу фабриката се врши 24 часовно мерење на емисиите во воздухот и квалитетот на истиот, се вели во реакцијата на компанијата.

„Дополнителен мониторинг вршат и акредитирани лаборатории и сите овие податоци постојано се поднесуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изминатите три години, мерењата покажуваат дека квалитетот на воздухот е одличен. Сите овие податоци се јавно достапни.

Како компанија, за наши потреби бидејќи всушност квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, е важен за нашиот технолошки процес, вршиме интерни контроли на квалитетот на истиот, согласно ИСО 9001 стандардот за квалитет, кој е имплементиран во нашата компанија. Покрај овие контроли, користиме и контрола од страна на акредитирани лаборатории. До сега од наша страна не се забележани неправилности. Ќе подвлечеме дека како и секое друго правно и физичко лице кое купува на домашен пазар, ние немаме законска обврска да го контролираме квалитетот или потеклото на репро материјалите: тоа е обврска на увозникот кој поседува соодветна лиценца за увоз и институциите како контролен механизам.

Исто така, ќе истакнеме дека ние сме производител на никел од светски калибар, којшто ги имплементира сите најсовремени методи за заштита на животната средина, а не компанија за третирање отпад. За нас е исклучително важен квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, кои ги користиме во производниот процес, бидејќи колку е повисок квалитетот на енергенсите, толку е поголема ефикасноста, подобри се нормативите и повисок е квалитетот на нашиот финален производ – никелот, што е наша крајна цел, бидејќи нашиот никел се пласира на европскиот и светскиот пазар, каде наша конкуренција се производители од Европа, Америка, Канада, Австралија и други.

На крај, имајќи предвид дека имаме личен интерес да работиме со висок квалитет на материјали, како и законска и морална должност, за што постојано преземаме бројни активности, и секако во интерес на вистината, ние стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции, како со податоци, така и со други инструменти, да помогнеме во детекција на евентуални неправилности на пазарот со мазут, но и секакви други енергенси и репро материјали кои би можеле да имаат влијание врз животната средина“, велат од Еуроникел.

Слични содржини