Еуростандард: Зошто се молчи и после 13 месеци за сторениот организиран грабеж?

од Берта Китинска
465 прегледи

„Главниот акционер на Еуростандард банка јавно призна дека свесно направил кривично дело со давање залог од 3 милиони евра земени од депозитите во Еуростандард банка за да служат како обезбедување за поединечни кредити на клиенти издадени од Комерцијална банка. За тоа јавно посведочи и Комерцијална банка од каде се започнати овие нелегални трансакции“, соопштија од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Со пари на депонентите од Еуростандард банка, физички и правни лица, се гарантирани кредити на трети лица во друга банка. И моментот кога тие клиенти не ги вратиле кредитите, Комерцијална банка си ги наплатила побарувањата од парите на депонентите. И покрај сето тоа како и индиции за повеќе други кривични дела сторени од главниот акционер и негови блиски соработници во Еуростандард банка, овој господин игра тенис и ужива во животот со нашите лични пари. А одговорност нема ни после 13 месеци од затворањето на Еуростандард банка, додека, по се изгледа, кривичните пријави против целото раководство на банката и нивни блиски соработници фаќаат прашина на полиците во основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Нема одговорност ниту за гувернерката и нејзиниот прв тим од Народна банка. И главниот акционер на Еуростандард банка јавно потврди дека за гувернерката има поднесено кривична пријава со сериозни индиции за сторени кривични дела. И наместо да има одговор од обвинителството, многу често сме сведоци на нарачани текстови од Народна банка кои ги величаат ликот и делото на гувернерката и Народна банка како целина, па дури и во улога на лидери во регионот. Да, можеби сме лидери во регионот, но во организиран криминал и корупција.

Нема одговор ниту од Управата за финансиска полиција. Украдени близу 60 милиони евра, лични парични средства на преку 3.000 семејства кои се директно оштетени, но сеуште не може да се најде трагата на парите. Се прашуваме, не се може или не се сака? Бидејќи трагата на парите во овој банкарски криминал е многу лесно докажлива. Во најмал случај, постои КИБС, операторот на платен систем во земјава, од каде можат да се видат сите трансакции направени во и од Еуростандард банка и понатаму од нејзините клиенти. Веќе подолг период Финансиската полиција ги има на увид и доказите од Еуростандард банка, каде се гледа кој одобрувал ненаплатливи кредити, во кои износи, кога, на кого, како, на која основа. И за сето тоа постои писмена трага, но одговор нема.

Молчи и Антиикорупциската комисија. Неодамна, претседателката на комисијата ја уверуваше и ја охрабруваше јавноста да пријавува случаи на корупција и судир на интереси за кои оваа комисија е надлежна. И нашето здружение „Правда за штедачи” има пријавено повеќе случаи за корупција и судир на интереси. На пример, пријавивме за судир на интереси на вработени во Министерството за финансии кои истовремено се и членови на управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити додека истите работат на припрема на законски измени за истиот тој фонд, но одговор од Актикорупциска комисија нема. Неколку месеци нема одговор ниту за тоа дали комисијата го најде матичниот број на еден од учесниците во криминалот чија фирма отиде во стечај додека остана должна 1,6 милиони евра во Еуростандард банка.

Во повеќе наврати го повикавме и вицепремиерот надлежен за борба против криминалот и корупцијата да реагира за организираниот криминал и корупција во Еуростандард банка, но и од таму молк. Молчи и министерот за правда.

Зошто се молчи и после 13 месеци за сторениот организиран грабеж во лиценцирана и контролирана банка? Не се затвори пиљара, туку се ограби банка. Најстрашно е што и после толку време нема одговорност за ниту еден индивидуалец ниту субјект учесник во криминалот. Тоа е и покрај мноштвото докази со кои располагаат релевантните институции кои јасно покажуваат како е организиран и спроведен грабежот на депозити во Еуростандард банка“, велат од Правда за штедачи.

Слични содржини