Околу 600 жители на остров во Океанија, Папуа Нова Гвинеја, евакуирани се по ерупција на вулканот за кој стручњаците веруваа дека мирува, соопштија надлежните.

Вулканот на надморска висина од 500 метри на островот Кадовар, северно од Папуа, се разбуди во петок и ги испаничи жителите, соопшти Центарот за набљудување вулкански активности.
„Вулканот од петокот исфрла пепел кон запад и северозапад, претежно над океанот“, велат од центарот.
Американската невладина организација Самаритан авиејшн соопшти дека сите жители од островот се евакуирани и додава дека нема жртви.
Папуа се наоѓа на таканаречениот огнен појас на Пацификот каде поради поместувањето на тектонските плочи често има земјотреси и вулканска активност.