Евакуирани осуммина македонски државјани, останатите засега остануваат во Израел

од Nikola Popovski
24 прегледи

Првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел, синоќа пристигна на скопскиот аеродром. Според министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, со тоа станавме една од првите земји во Европа што успешно организираше и реализираше повраток на своите граѓани од зоната на конфликт.

Осум државјани – четири возрасни лица, три деца и едно бебе – беа евакуирани преку Египет.

Министерството за надворешни работи информира дека по почетокот на конфликтот меѓу Израел и Иран пред пет дена, вкупно 28 македонски државјани побарале евакуација. Сепак, само осуммина од нив денеска одлучиле да се вратат во татковината. Останатите засега остануваат во Израел, додека ја следат ситуацијата и чекаат евентуално воспоставување на редовен воздушен сообраќај.

Од МНР потврдуваат дека се подготвени за нови евакуации доколку е потребно, особено имајќи ги предвид вечерните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп и можноста за натамошна ескалација на состојбата.

Македонската амбасада во Тел Авив засега останува на безбедна локација и не се планира евакуација на дипломатскиот персонал. Нема информации за евентуални барања за евакуација од македонски државјани кои се наоѓаат во Иран.