Еве кои производи се дел од новогодишната кошничка – ќе поевтинат од 15. декември

од Nikola Popovski
200 прегледи

Над 650 производи вклучени во новогодишната кошничка. Новите, пониски цени ќе важат од 15-ти декември до 15-ти јануари. На листата има леб, месо, млеко и млечни производи, пијалаци – производи кои се најбарани за празниците. Треба да поевтинат за 10 % и повеќе, велат од Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека инспекторите ќе бидат на терен, но, нема да има казнувања. Повика трговците да постапуваат етички, во спротивно има механизми да се спречи изигрување на мерката. Бидејќи, ова не е владина одлука, не се предвидени казни, туку граѓаните ќе вршат контрола на пазарот, дали навистина цените се намалени или не.

Досега 60 компании понудиле производи со пониски цени, но списокот ќе се прошири, најави министерот за економија, Бесар Дурмиши. Производите со намалени цени ќе бидат брендирани со ознака – „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.

– Листата на прехранбени производи не е конечна, таа може постојано да се надополнува со нови производи и нови компании пред да започне акцијата на „Новогодишна кошница“, како и за време на траење на акцијата, кажа министерот и додаде дека ова е една акција која произлегува токму од компаниите кои за време на новогодишните празници ја покажуваат својата општествена одговорност и на граѓаните ќе им понудат пониски производи.

За граѓаните подобро да се запознаат со производите на листата, изработена е и интернет-страница. Листата со производи можете да ја видите ОВДЕ.

Воведувањето потрошувачки кошнички за најголемите празници има за цел да ги стабилизира цените на основните прехранбени производи и да го подобри стандардот на граѓаните. Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка, која траеше до 31 октомври, а беа опфатени околу 70 производи за кои беа ограничени профитните маржи.

Слични содржини