Еден од најпознатите англиски стадиони, „Гудисон Парк“, сепак нема да влезе во историјата. Иако Евертон се сели на нов стадион вреден 800 милиони евра ова лето, одлучено е фудбалските натпревари да продолжат да се играат во култното здание следната сезона.
Потврдено е дека женскиот тим на Евертон ќе биде домаќин на натпревари на „Гудисон“, со што ќе се спречи рушењето на стадионот, кој првпат бил отворен во 1892 година. Со ова се стави крај на претходната идеја за негово целосно отстранување и изградба на станбен комплекс, дом за стари лица и јавен парк… барем засега.
Во 2020 година, Евертон го започна проектот „Гудисон Легаси“, кој имаше за цел да најде долгорочно решение за иднината на стадионот откако машкиот тим се пресели на нова локација. Најновата одлука е донесена во договор со новите сопственици на клубот, групацијата Фридкин, која одлучи да ја зачува фудбалската традиција на тоа место.
Рушењето на стадионот претходно го планираа поранешните сопственици на Евертон, кои беа подготвени да инвестираат околу 90 милиони евра во проектот, но тие планови сега се отфрлени.