ЕВН Хоме ги имаше исклучено од напојување со електрична енергија само мерните места за заедничка потрошувачка на Блок Б – Џевахир, по основ неплатен долг. Овие мерни места се веќе приклучени во мрежата и снабдувањето со електрична енергија е сигурно и стабилно, соопштуваат од ЕВН Хоме.
„Становите на жителите во кулата не беа исклучени. Прекинот во нивното снабдување настанал поради реакција на внатрешниот систем за заштита на самата кула. Сепак, и оваа ситуација е надмината.
ЕВН Хоме секогаш го користи исклучувањето на корисниците како крајна мерка. Во врска со исклучувањето на заедничката потрошувачка, до сопственикот на броилото навремено било испратено напомена пред исклучување“, стои во соопштението.
Претходно денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, упати апел до ЕВН и до управителите на зградите да не се повтори исклучување на струја во висококатниците, бидејќи постои можност да дојде до несакани последици за луѓето кои би останале заглавени во лифтовите. Тој посочи дека откако снемало струја во оваа кула, неофицијално бремена жена останала заглавена во лифт.