ЕВН хоум распиша нов тендер за набавка на електрична енергија

од Vladimir Zorba
431 прегледи

ЕВН хоум распиша втор тендер за набавка на електрична енергија која граѓаните ќе ја користат следната година. Огласот е објавен во петокот на 19 ноември а ќе трае до 25 овој месец. Се бараат вкупно 3621 гига вати електрична енергија за периодот од 01.01.2022 до 31.12.2022 година. Од универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за локално.мк велат дека зa новиот втор по ред оглас директно се информирани сите понудувачи а изборот ќе се прави преку електронска аукција согласно правилниците на РКЕ.

На првиот тендер ЕСМ не испрати понуда за продажба на електрична енергија на универзалниот снабдувач кој што ги снабдува домаќинствата а според неофицијалните информации причина беа недовршените пресметки во однос на цената по која ќе ја продаваат струјата но и поради слабото домашно производство.

Според законот за енергетика, ЕСМ има обврска да се јави на тендерот и да понуди струја на ЕВН Хоум. Компанијата треба да обезбеди најмалку 60% од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Владата не виде ништо спорно во тоа што ЕСМ не учествуваше на првиот повик  бидејќи како што тогаш рече министерот Бектеши може да има втор па и трет оглас пред да се формира цената на електричната енергија  за тарифните потрошувачи од страна на РКЕ. Најважно според него е да се утврди цената на домашното производство и да се зголеми ископот на јаглен.

„Цената ја одредува Владата, а не ЕСМ. Ја очекуваме анализата на ЕСМ и во момент кога ќе се достави до Владата, Владата ја одредува цената со која ЕСМ ќе влезе во тендерот на ЕВН Хоум. Тие веќе  прават калкулации за наредните шест месеци и во моментот кога ќе стигне предлог од страна на ЕСМ ние како Влада ќе ја утврдиме цената која ќе биде за домаќинствата и за малите потрошувачи за наредните шест месеци, рече минатата недела Бектеши.

Според убедувањата на Владата капацитетите ќе работат според планот, со Стопанската комора се работи на набавка на мазут за ТЕЦ Неготино а од 1 декември ќе биде пуштен во употреба РЕК Осломеј.

Доколку државната ЕСМ не го обезбеди законските 60% од потребите на електрична енергија за домаќинствата, во тој случај Универзалниот снабдувач ќе треба тие количини да ги набави на странскиот пазар по берзански цени.

Растот на цената на електричната енергија на светските берзи и лошата состојба со акумулациите и домашното производство, се повеќе прави притисок на цената за домаќинствата која се очекува двојно да порасне по Нова Година.

 

Слични содржини