ЕВН влезе во Слупчане после синоќешните блокади

од Nikola Popovski
398 прегледи

Екипи на ЕВН влегоа во село Слупчане, каде за скоро време треба да се санира дефектот, по добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежа и поставување  нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија.

Ситуацијата била мирна и немало попречување во работата на екипите.

Синоќа жители на селото го блокираа главниот пат кон селото и палеа гуми со цел да ги спречат екипите на ЕВН да си ја завршат својата работа. Во обид сами да го средат дефектот, предизвикаа поголем дефект и без струја останаа селата Оризаре, Ваксинце и Лојане.

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска потенцираше дека разговарал со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи.

„Разговарав со градоначалникот Арифи, кој заврши одлична работа, колку што имам информација, разговараше со сите населени места, ако треба да помогнеме како Министерство за економија ќе помогнеме, за да излеземе во пресрет на жителите не само во Слупчане туку и во другитенаселени место. Но морам уште еднаш да кажам дека сите граѓани имаат обврска да плаќаат за потрошената електрична енергија“ кажа Бектеши.

Пред речиси еден месец, исто така имаше блокади на влезот на селото. Според ЕВН, вкупните годишни загуби поради кражби во село Слупчане изнесуваат над милион евра. 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.

Со проблеми со кражби на струја и наплата екипите на ЕВН се соочуваа и во скопско Арачиново. Проблемот таму е надминат и се работи на модернизација на мрежата. Пред почнување на проектот за реконструкција минатата година кражбите во Арачиново изнесуваа 80 %. Сега се очекува тие да се сведат на околу 10%.

Слични содржини