Легендата на Манчестер Јунајтед, Патрис Евра, ја изненади фудбалската јавност со одлуката да ја смени кариерата и да стане ММА борец, со желба негов прв противник да биде стариот ривал – Луис Суарез. Евра, кој се пензионираше од фудбалот во 2018 година, наскоро ќе ја замени фудбалската топка со борба во кафез. Своето ММА-деби ќе го има на 23 мај на турнирот PFL Europe во Париз, во „Акор Арена“. Французинот тренира боречки вештини уште од 2016 година, под водство на француската ММА ѕвезда Седрик Думбе.
„Ја обожавам оваа игра!“, изјави 43-годишниот Евра, кој ги освои сите најголеми трофеи во фудбалот. „Играв на најголемите светски сцени, но овој настан ќе биде посебен момент за мене. Со години тренирам со најдобрите, и тие ќе ви кажат дека сум подготвен за ова. Ќе има спектакл на 23 мај во ‘Акор Арена’ – дојдете и гледајте.“
По откажувањето на неговиот дебитантски боксерски меч во 2022 година, Евра конечно ќе го реализира својот нов сон. Иако неговиот противник сè уште не е официјално потврден, тој на социјалните мрежи изјави дека би сакал тоа да биде фудбалерот Луис Суарез, шеговито додавајќи: „Ќе бидам подготвен да се борам со Суарез. Ако треба, ќе платам од свој џеб. Можеби дури и ќе ме касне.“
Нивниот конфликт потекнува од Премиер лигата, кога во 2011 година Суарез беше обвинет за расистички навреди кон Евра за време на натпревар на „Енфилд“. Тогаш, Суарез наводно користел навредлив јазик, вклучувајќи коментари за бојата на кожата на Евра, поради што подоцна беше суспендиран на осум натпревари.