Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, за кој велат дека „носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите“.
Според нив, бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателот на државата Илијана Јотова, министерот за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешниот министер за надворешни работи Захариева, и други, официјално го отвориле бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ „по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер“.
-Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа. Чин со којшто се загрозува мултикултурализмот. Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, додаваат од Еврејската заедница.
Евреите во нашата земја бараат во Собранието да се донесат измените на кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.
-Да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите.
– Владата на Р. Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна.
-Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Р. Бугарија, појаснуваат од Еврејската заедница.