Еврејската заедница проверува дали клубот „Ванчо Михајлов“ е сместен во куќа на депортирани Евреи

од Nikola Popovski

Еврејската заедница во Македонија ќе истражува дали објектот во која е сместен бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ некогаш му припаѓала на еврејско семејство. Според претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви се уште немаат такви податоци.

-Денеска сакавме да провериме во Катастарот во Битола како стојат работите. Куќата моментално се води на човек Македонец од Битола, а како се движел имотот се надевам дека ќе добиеме податоци и ќе добиеме резултати за околу 7 до 10 дена, преку движењето на имотот во Катастарот, вели Леви во изјава за медиумите.

Ваквата реакција следува откако германската новинарка Брита Хилперт во репортажа објавена на германскиот национален телевизиски сервис ZDF тврди дека куќата во која е сместен бугарскиот културен центар во битолскиот Еврејски кварт некогаш припаѓала на еврејско семејство кое било депортирано за време на нацистичката ера.

Клубот е отворен на 16 април оваа година во присуство на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и други претставници од бугарскиот државен врв.

На 4-ти јуни, влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот беа запалени в очи на работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје. Осомничен и приведен за опожарувањето беше пејачот Ламбе Алабаковски, кој во моментов се брани на слобода.

Слични содржини