Рокас од Велес: Иднината на Македонија е во ЕУ, сите работиме на тоа

од Марта Пешевска
18 прегледи

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, денеска ја посети Општина Велес во рамки на серијата општински посети кои имаат цел да ги приближат придобивките од европската интеграција до граѓаните.

Рокас се сретна со градоначалникот Марко Колев, членовите на општинскиот совет и претставници од локалната заедница. Тој ја посети и Европската куќа на млади и разговараше со младите од Велес, како и со учесници од културниот, туристичкиот и социјалниот сектор.

Амбасадорот изрази задоволство од досегашната поддршка на ЕУ за Велес, вклучувајќи го уредувањето на централното градско подрачје и адаптацијата на поранешното градско кино во Европска куќа на млади. Тој најави и понатамошна финансиска поддршка за клучни проекти – како изградба на пречистителна станица за Вардар и решавање на проблемот со дивите депонии.

„Главните проблеми, како водоснабдувањето и отпадот, мора да се решаваат со заеднички напори. ЕУ ќе продолжи да дава поддршка, но потребна е координација меѓу сите нивоа на власт“, истакна Рокас.

На новинарско прашање за деблокирање на евроинтеграциите, Рокас го повтори ставот на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, дека „иднината на Македонија е во ЕУ“ и оти сите работат напорно за таа цел.

Не сакаше да коментира изјави на претседателката Сиљановска Давкова за можен ангажман на Австрија во спорот со Бугарија, но нагласи дека секој дипломатски напор е добредојден.

Во однос на соработката со Велика Британија, Рокас изјави дека и таа е добредојдена, додека за миграциските предизвици го пофали ангажманот на Македонија и присуството на ФРОНТЕКС.

Посетата на Велес ја заврши со благодарност до граѓаните и градоначалникот за учеството во хуманитарната трка за Кочани, потврдена од Европската делегација.

Слични содржини