Денот кога ФИБА и го предаде управувањето на најсилното европско клупско натпреварување на Евролигата, се направи голема грешка и УЕФА сигурно нема да дозволи нешто слично да се случи во фудбалот, вели претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Првиот човек на Европската фудбалска унија по којзнае кој пат повтори дека ништо нема да дојде од формирањето на Суперлигата, а во оваа прилика направи интересна паралела со кошарката.
„Суперлигата како натпреварување никого не интересира. Тоа е целосен неуспех. Луѓето го сакаат фудбалот затоа што е спорт во кој сите имаат исти шанси и нема привилегирани клубови. Погледнете само што се случи со кошарката со Евролига. Тоа е неприфатливо. Суперлигата за вас е фудбалска Евролига“, рече Чеферин.
Според зборовите на „првиот човек на европскиот фудбал“, оние кои се обидуваат да го уништат најпопуларниот спорт во светот постојано вршат притисок и се закануваат, но УЕФА нема да се предаде.
„Во овие неколку години имаше разни притисоци и закани. Директни и индиректни. Ни велат дека се посилни од нас, дека не можеме да ги спречиме и дека ќе не тужат. Дури и мојата сопруга еднаш ги слушна тие закани кога беше со мене во автомобилот. Но, не се плашам. Апсолутно сум сигурен дека УЕФА не прави ништо лошо, дека се е според прописите и не мешајте не со ФИФА“.
Чеферин презентираше уште еден интересен детал во прилог на фактот дека најбогатите светски клубови не треба да имаат свое затворено натпреварување.
„Клубовите кои сакаат да бидат во Супер лигата воопшто немаат играчи од нивните школи. Тие не создаваат готови фудбалери, туку ги купуваат од земји чии клубови не можат да играат со нивните конкуренти. Тоа не е нормално”. – изјави Чеферин.