Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе биде домаќин на состанок на европските лидери на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
На состанокот, меѓу другото, ќе учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Олаф Шолц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, соопшти француското претседателство.
Во соопштението се наведува дека на состанокот ќе учествуваат и претставници од Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска.
Најавата за средбата дојде еден ден откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, изјави дека Европа нема да има место на преговарачката маса.
Трамп во средата одвоено зборуваше за војната со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и им порача на американските власти да започнат преговори за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.
Телефонските повици дојдоа веднаш откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет им кажа на воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението, пренесува Ројтерс.
Според пишувањата на медиумите, украинските граѓани се загрижени дека Трамп по телефонскиот разговор со Путин се подготвува да ја распродаде нивната земја.
Макрон за Фајненшл Тајмс изјави дека Трамп отворил „прозорец на можности“ за преговарачко решение на конфликтот, каде што „секој мора да ја игра својата улога“, додавајќи дека улогата на Зеленски е да разговара за прашањата за територијата и суверенитетот, пренесува Танјуг.