Азија досега најмногу е погодена од нарушувањата во снабдувањето со енергенти од Блискиот Исток, а Европа најдоцна до мај би можела да се соочи со недостиг на дизел и авионско гориво, предупреди шефот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол.
Иран на американско-израелските напади врз енергетската инфраструктура одговори со напади врз енергетски капацитети во други земји од регионот на Персискиот Залив кои „ги примиле“ американските воени бази.
Техеран исто така ја презеде контролата над Ормускиот теснец, забранувајќи транзит на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Меѓутоа, бродовите на „пријателски“ земји мораат да го координираат транзитот со иранската морнарица.
Актуелната глобална енергетска криза е посериозна од нафтените шокови од 1973. и 1979. година, како и од недостигот на гас од 2022. поврзан со руската војна во Украина, изјави Бирол во подкаст со шефот на норвешкиот пензиски фонд Николaj Танген, пренесува Форбс Црна Гора.
Иранските напади врз енергетските капацитети и ограничувањата на пловидбата низ Ормускиот теснец ги намалија испораките на нафта од регионот за повеќе од 12 милиони барели дневно, рече Бирол.
За споредба, во нафтените кризи од 1973. и 1979. година се губеле околу пет милиони барели дневно, потсети шефот на IEA.
Глобалното снабдување со гас паднало за околу 75 милијарди кубни метри во 2022. година, но сегашниот недостиг е уште поголем, додаде тој.
„Април ќе биде многу полош од март“, предупреди Бирол, напоменувајќи дека во март нафтата и течниот природен гас сè уште пристигнувале на пазарот.
„Во април нема ништо“, истакна тој, според извештајот на турската медиумска агенција Анадолу.
Членките на IEA среде март одлучија на пазарот да пуштат рекордни 400 милиони барели нафта од резервите, најмногу во историјата, потсети шефот на агенцијата.
„Но морам да бидам целосно искрен, тоа само го ублажува проблемот и нема да го реши. Клучното решение е отворањето на Ормускиот теснец“, порача тој.
Пресметките покажуваат дека вкупниот губиток на испораки од регионот на Персискиот Залив во март достигнал нешто повеќе од 370 милиони барели нафта.
Најголемиот проблем, според зборовите на Бирол, е недостигот на авионско гориво и дизел.
„Го гледаме во Азија, но наскоро, мислам во април или мај, ќе го почувствува и Европа“, додаде тој.
Европа планира од крајот на март на пазарот да пушти 73 милиони барели нафтени деривати и околу 35 милиони барели сурова нафта, покажуваат податоците на IEA објавени на 15 март.
Бирол предупреди и дека од почетокот на војната се оштетени околу 40 клучни енергетски објекти на Блискиот Исток и дека ќе биде потребно време за нивно повторно ставање во функција.
„Ни се заканува многу големо нарушување, најголемо во историјата“, заклучи Бирол.