Вториот бран на епидемија на коронавирусот ја преплави Европа, а пред почетокот на сезоната на грип, единиците за интензивна нега се полнат, баровите се затвораат, и да биде работата уште полоша, властите предупредуваат на се пошироко распространетиот „замор од Ковид-19“, пишува АП.
Рекордно високиот број на лица заразени во неколку источноевропски земји и ненадејните скокови во тешко погодениот западен дел јасно покажуваат дека Европа никогаш не ја „скршила“ Ковид кривата како што се надеваше, по пролетните рестриктивни мерки.
Шпанија прогласи вонредна состојба во регионот Мадрид, што доведе до тензии меѓу локалните и националните власти во врска со мерките за борба против вирусот.
Германија ангажира војници да помогнат во следењето на контактите во новите жаришта. Италија воведува задолжителни маски на отворено и предупредува дека здравствениот систем е во критична состојба, додека болниците повторно се полнат.
Чешката „проштална“ забава од Ковид во јуни, кога илјадници жители на Прага вечераа на маса долга 500 метри долж Карловиот мост, славејќи ја победата над вирусот, сега изгледа за жал наивно, бидејќи земјата доживува највисока стапка на инфекција на континентот.
Епидемиолозите и жителите покажуваат со прст кон владите дека не успеале да го искористат летното затишје на епидемијата, адекватно да се подготват за очекуваниот есенски скок, бидејќи бројот на тестови и медицински персонал е повторно мал.
– Кога излеговме од вонредна состојба, требаше да инвестираме во превенција, но тоа не беше сторено. Влеговме во есенскиот бран без да го напуштиме летниот бран – вели Маргарита дел Вал, вирусолог и имунолог од Шпанскиот центар за молекуларна биологија.
Тензиите растат во градовите каде повторно се воведуваат нови ограничувања. Стотици романски угостителски работници протестираат против затворањето ресторани, театри и дискотеки.
– Бевме затворени шест месеци, рестораните не работеа и бројот на случаи сè уште се зголеми. Јас не сум експерт, но не сум ниту глупав. Ние не сме одговорни за пандемијата – рече Мариус Кипријан, сопственик на паб во Букурешт.
Додека инфекцијата се шири во многу европски земји, некои како Холандија, Белгија, Велика Британија, Шпанија и Франција, дијагностицираат повеќе нови случаи по глава на жител на ден од Соединетите Американски држави.
Франција, со 70 милиони жители, вчера имаше рекордни скоро 27.000 новозаразени, а бележи вкупно дневен рекорд од 100.000 нови случаи во цела Европа.
Експертите тврдат дека високата стапка на инфекција во Европа е делумно резултат на помасовно тестирање отколку за време на првиот бран, но овој тренд е сè уште загрижувачки со оглед на тоа дека сезоната на грип не е ни започната.
„Не ги научивме лекциите од првиот бран. Трчаме по епидемијата, наместо да одиме пред неа“, изјави за телевизијата БФМ Жил Пилот, директор на болницата Тенон во Париз.
Сепак, има и добра вест, велат експертите, наведувајќи дека лекарите сега знаат кои терапии функционираат, пренесува АП.
За време на врвот на епидемијата во март и април, лекарите во Шпанија и Италија им даваа на пациентите секој лек за кој мислеа дека делува – хидроксихлорокин, лопинавир, ритонавир, но со ограничен успех.
„Сега скоро и да не ги користиме тие лекови затоа што немаат ефект. Во таа смисла, победивме затоа што сега знаеме многу повеќе“, рече Луис Искиердо, помошник директор на службите за итни случаи во шпанската болница Северо Очоа.
Но, медицинскиот третман за вирусот е само половина од битката. Службениците за јавно здравје сега се соочуваат со протести од граѓаните против носење маски, негирајќи го ризикот од вирусот и заморот на граѓаните на кои едноставно им е преку глава да им се кажува да се држат на дистанца и да се воздржат од прегрнување со најблиските.