Европа преплавена со нелегални забави

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Илјадници млади низ цела Европа, од станбени згради во Лондон до плажи во Португалија, одржуваат нелегални забави, жедни за контакти и полни со енергија по осамени денови поминати во карантин поради коронавирусот.

И додека младите бараат забава по повеќемесечни фестивалски и клупски забрани, ваквите масовни собири ги разгоруваат стравувањата дека втор бран на инфекција со коронавирус може да ја погоди Европа.

Полицијата во Лондон има потешкотии да ги растури нелегалните забави. Во една таква акција во средата, тие беа нападнати со шишиња, нивните автомобили беа запалени, а повредени се 22 полицајци.

„Сведоци сме на голем број луѓе кои целосно ги кршат здравствените регулативи и се чини дека не се грижат за себе или за здравјето на нивните семејства“, рече шефицата на полицијата во Лондон, Кресида Дик.

„Жешко е, некои пиеле премногу, некои се само лути и агресивни, а некои се само насилни“, додаде таа.

Полицијата во британската престолнина растури неколку собири во текот на ноќта, а властите исто така истражуваат случаи на силување, злоупотреба на дрога и напади со ножеви на неколку нелегални забави во други градови.

Младите нелегално се собираат во Германија, Франција и на плажите на Атлантикот во Португалија.

Скриена „забава“ на плажа

Илјадници млади луѓе се собраа минатиот викенд на плоштадите во португалските градови Порто и Брага за да се забавуваат на летните горештини.

„Придружете ни се на волшебно патување во шумата“, е содржината на пораката што кружи на социјалните мрежи за собир на скриена плажа западно од Лисабон.

Во Берлин, европската престолнина на ноќниот живот, неколку стотици луѓе се собраа пред паркот Хасенхајд минатата недела за да танцуваат цела ноќ.

„Мислам дека на луѓето им недостасува социјална врска“, истакнува диџеј со седиште во Берлин, Елиас Доре, додавајќи дека илјадници млади луѓе во овој период од годината нормално би танцувале на европските фестивали. Ваквите собири не завршуваат секогаш мирно.

Француската полиција се судри со посетителите на фестивалите во Париз и западниот град Нант во неделата на годишниот настан „Fete de la Musique“ што се одржа на најдолгиот ден во годината.

Минатата недела, на собирот на петстотини лица во берлинскиот парк „Глејзрејкек“, шест полицајци беа нападнати додека растураа толпа.

Беше насилно и на улична забава во Манчестер каде минатиот викенд се собраа околу две илјади луѓе. Двајца мажи биле прободени со нож.

Шефот на лондонската полиција изјави дека дел од населението е преплашено од ваквите собири и најави дека безбедносните сили „ќе бидат подготвени овој викенд“.

Ризик од инфекција

Властите се загрижени дека младите луѓе кои честопати имаат благи или без никакви симптоми ненамерно ја шират инфекцијата.

На илегалните забави присуствуваат илјадници млади луѓе, а бидејќи нивните идентитети се непознати, тестирањето и нивно следење е практично невозможно, предупредува д-р Селсо Куна, виролог на Универзитетот во Лисабон.

„Иако повеќето не се разболуваат, младите луѓе сè уште го шират вирусот“, истакна тој.

Но, повеќето клубови и фестивали ќе останат затворени, така што младите ќе најдат места за танцување, забава и барање љубов.

„Мислам дека што и да прават властите, летово ќе има многу тајни и нелегални забави насекаде“, заклучува Доре.