Европарламентарката Јовева за „Локално“: С. Македонија заслужува почеток на пристапни преговори веќе многу години

од Stefanija Kuzmanovska
630 прегледи

Верувам дека Северна Македонија заслужува почеток на пристапни преговори веќе многу години. Преговорите се таму за да се подобри состојбата на земјата и да се усогласи законодавството со законодавството на ЕУ, вели во европарламентарката Ирена Јовева во интервју за „Локално“.

Претставничката на Словенија во Европарламентот, која има македонски корени, истакнува дека земјата направила реформи и постигнати се некои големи чекори, но претстои долг пат кон зајакнување на владеењето на правото, независно судство, медиумски слободи и индивидуални слободи.

На прашањето дали опстојувањето на бугарското вето, С.Македонија може да го промени својот правец на Исток, таа не верува дека тоа ќе се случи.

– Историски гледано, културолошки регионот беше дел од Европа и врските со ЕУ се многу посилни не само од географски причини, туку и од културни и економски причини, истакнува таа додавајќи дека „нема алтернатива на ЕУ и Западен Балкан не може да остане изолиран регион во Европа“.

За „нон-пејперот“ кој наводно потекнува од земјата која ја претставува во европското семејство, а кој заговара промена на границите на Западен Балкан, Јовева верува дека толку многу простор не треба да се дава во медиумите за овие документи.

– Луѓето во регионот претрпеа премногу страдања заради национализмот, омразата, етничкото чистење, геноцидот и секако поради тоа што некои водачи се залагаа за идеи за создавање војни за да ги промовираат своите националистички идеи и да соберат ефтини изборни поени, изјави европарламентарката.

Јунскиот самит е пред нас, на него се решава судбината во однос на почетокот на преговорите, односно прифаќањето на преговарачката рамка, со С. Македонија. Какви се вашите очекувања од самитот?

-Веќе подолго време кажувам дека преговорите требаше да бидат започнати одамна. За жал, правото на вето на една земја-членка и злоупотребата на билатерални прашања за политички поени во земја-членка е срамота и дури не е дозволена од Аквис*. Се надевам дека овој пат ќе има повеќе здрав разум, бидејќи тоа секогаш зависи од претстојните избори во земјите-членки, но бидејќи претстои и словенечкото претседателство, се надевам дека ќе се изврши одреден притисок, за конечно да се добие датум за пристапни преговори, а потоа преостанатите билатерални прашања можат да се решат одделно. Единствениот вистински пат кон реформи и доверба е преку овозможување преговорите да започнат и да се даде поттик и нова енергија на процесот на проширување.

Дали С. Македонија заслужува старт на преговорите според реформите кои ги спроведе во изминативе години? Дали само Бугарија е пречката и нивните идентитетски барања или земјата заостанува и на други полиња?

-Верувам дека Северна Македонија заслужува почеток на пристапни преговори веќе многу години. Преговорите се таму за да се подобри состојбата на земјата и да се усогласи законодавството со законодавството на ЕУ. Ќе биде лага ако кажам дека земјата не заостанува – сметам дека се направени реформи и беа постигнати некои големи чекори, но претстои долг пат кон зајакнување на владеењето на правото, независно судство, медиумски слободи и индивидуални слободи.

Според вас, дали С. Македонија ќе „скршне од патот“ доколку опстои бугарското вето? Можеме ли да очекуваме оддалечување од европскиот пат и „вртење“ накај Исток и зајакната соработка со Кина, Русија, Турција…

-Не би рекла дека ќе се случи тоа. Иднината на целиот регион е во ЕУ. Историски гледано, културолошки регионот беше дел од Европа и врските со ЕУ се многу посилни не само од географски причини, туку и од културни и економски причини. Меѓународната соработка е одлична. ЕУ исто така соработува со целиот свет и ова може да се зајакне паралелно со пристапувањето во ЕУ и реформите, што ќе донесе подобар живот и социо-економски напредок на сите граѓани на Северна Македонија. Нема алтернатива на ЕУ и Западен Балкан не може да остане изолиран регион во Европа.

„Ако ЕУ не се прошири, некој друг ќе се прошири“, изјави премиерот на Словенија, Јанез Јанша, чија земја го презеде претседавањето со Унијата. Го губи ли ЕУ генерално Западен Балкан, со оглед на блокадата и на Албанија, случувањата со Србија и Косово и неможноста на БиХ ниту милиметар да се приближи до Унијата поради нејзините барања?

-Јанез Јанша кажува многу работи, но јас верувам во неговата посветеност кон Балканот. Земјите од Западен Балкан треба да се охрабруваат едни со други кон напредок, соработка и да се тргнат настрана од историските етно национални наративи, кои се опасни наративи во сите земји и не водат никаде освен до незадоволство кај населението и страв. Пандемијата на КОВИД исто така го забави патот на интеграција во ЕУ и со оглед на тоа што кај некои земји-членки во ЕУ има проблеми со владеењето на правото и смени кон полуавторитаризмот; ЕУ исто така се обидува да најде механизми за да го контролира ова. ЕУ не го губи Западен Балкан и Западен Балкан не го губи регионот. Неодамна беа усвоени одлични економски пакети за регионот со амбициозни зелени цели, а исто така сега и ИПА 3.

Нон-пејперот, според кој се бара промена на границите на Западен Балкан, а чиј автор наводно е Јанша, ги возбуди духовите на Балканот и придонесе за страв од крвава разрешница доколку се оствари. Како го коментирате вие „словенечкиот нон-пејпер“ и дали таков епилог би придонел за побрза интеграција на земјите од ЗБ?

-Толку многу простор не треба да се дава во медиумите за овие „пејпери“ или „нон-пејпери“. Тие завршија таму каде што треба – некаде во корпа за отпадоци и тие никогаш не можат да бидат реалност бидејќи тие одат против сè за што се залага Унијата. Обединети во различноста е мотото на Унијата, а „пејперот“ се стреми кон речиси етничко чистење – како може некој да помисли дека ова не е опасно? Луѓето во регионот претрпеа премногу страдања заради национализмот, омразата, етничкото чистење, геноцидот и секако поради тоа што некои водачи се залагаа за идеи за создавање војни за да ги промовираат своите националистички идеи и да соберат ефтини изборни поени. Зошто да не почнат да разговараат за економијата, вистински теми кои им се важни на луѓето.

Верувајте ми, каде што има помалку невработеност и поголема социо-економска безбедност, исто така и подобро образование, здравствена заштита, луѓето ќе бидат посреќни генерално и на тоа треба да работиме и за тоа треба да разговараме. ЕУ не е изградена врз моно етнички земји и тоа во никој случај не би се сметало за добра идеја во 21 век. Живееме во глобализиран свет, дозволете ни да ги надминеме темите за нечие име и презиме и каде некој треба или може да живее, врз основа на тоа и каде таа или тој може да се чувствува исто и да има еднакви права. На сите едноставно им е доста од ова.

Советот на ЕУ не дозволува објавување на „нон пејперот“ за прекројување на границите на Западен Балкан, објави австриската агенција АПА. За што, според вас, станува збор?

-Како што претходно споменав, има многу поважни теми на кои треба да се работи и мислам дека најдобра одлука е да не им се „додава бензин“ на националистите и стравот на луѓето.

Стефанија Кузмановска

* Тело на заеднички права и обврски што е обврзувачко за сите земји-членки на ЕУ

Слични содржини