Тања Фајон, европратеничката од Словенија денеска на својот веб-сајт даде подршка на протестот в недела, порачувајќи дека сега е време да се сопре опасниот тренд и Македонија да се сврти кон подобра иднина.
Во својата порака на солидарност таа напиша:
„Стојам заедно со народот на Македонија во неговите напори да создаде подемократска држава во која владеењето на законот нема да биде потиснато од клиентилизмот и корупцијата. Држава со здрава политички култура и продуктивен политички дијалог, во која што владејачката партија и опозицијата соработуваат и дејствуваат заедно со доброто на граѓаните.
За жал не ќе можам да ви се приклучам на протестот во Скопје в недела, но ве уверувам дека ќе бидам со вас, преземајќи дејствија во рамките на мојата функција на пратеник во Европскиот парламент во полза на граѓаните на Македонија и нивната иднина во европското семејство.
Верувам дека последното нешто што сега на Македонија и е потребно се конфликт, насилство и недоразбирања. Тоа што и е потребно се единство, едногласие и заедничка визија. Мојата импресија е дека луѓето се уморни од етнички конфликти или од лажни ветувања и стагнација. Крајно време е да сопре овој опасен тренд, да се сврти нова страница и да се работи за посветла иднина.
Испраќам јасна порака на поддршка на моите пријатели социјалдемократи во Македонија, како и на сите Македонци кои ги споделуваат вредностите на солидарноста и соработката.
Ги повикувам сите што ќе учествуваат во протестот в недела да не користат сила или насилство, туку мирно да протестираат и да покажат дека соработката и дијалогот се единствените долгорочни решенија“.
