Европратениците од ГЕРБ бараат ЕНП да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
35 прегледи

Европратениците од редовите на бугарската партија ГЕРБ ќе побараат постапка за исклучување на владеачката ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија (ЕНП). Ова го изјавил бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Тие (ВМРО-ДПМНЕ) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес на Орбан и се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, нагласил Ковачев и прецизирал дека европските партнери на Бугарија се информирани за ваквото однесување.

„Луѓето од двете страни на границата се сакаат и си помагаат. Говорот на омраза доаѓа од врвот, од политичката класа и медиумите, кои се многу силно поврзани со Југославија и српските служби“, додал Ковачев во изјава за „БНТ“.

„Има јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Тие бараат изговор за својата јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со клеветење на Бугарија“, истакнал европратеникот.

Ковачев изјавил дека Бугарија се однесува „исклучително цивилизирано, европско“, бидејќи сака добрососедство.

Во мај годинава, Манфред Вебер, лидер на групата на народни партии во Европскиот парламент, побара од ВМРО-ДПМНЕ да го користат уставното име на државата Република Северна Македонија. Вебер ова го истакна преку објава на социјалната мрежа „X“.

-Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да ги почитува обврзувачките одредби од Договорот од Преспа и доследно да го користи името „Северна Македонија“. Почитувањето на меѓународните договори е основен предуслов за нас како ЕПП. Во спротивно Европа не може да функционира и ЕУ нема да го прифати ова, стоеше во објавата на Вебер.

ЕНП е најголемата и највлијателната политичка група во Европската Унија и во неа членуваат скоро сите демохристијански партии од земјите членки на ЕУ и земјите-кандидати.

Партијата на Христијан Мицкоски во март годинава учествуваше на конгресот на ЕНП кој се одржа во Букурешт.

Слични содржини