Европратеник од бугарската Преродба бара одложување на извештајот за Македонија

од Nikola Popovski
139 прегледи

Во своето писмо до претседателката на ЕП, бугарскиот европратеник Станислав Стојанов изразува загриженост што не е информиран за состанок на таканаречените известувачи во сенка за извештајот за пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Овој состанок бил закажан за вчерашниот ден (понеделник), но Стојанов не добил покана за него, и покрај тоа што е известувач во сенка. Според него, ова покренува сериозна загриженост дека претставник на земја-членка е намерно исклучен од процесот.

„Важно е да се напомене дека дури и по моето претходно писмо, во кое истакнав судир на интереси и на кое сè уште чекам одговор, кршењата на етичките стандарди и Деловникот на Европскиот парламент не само што продолжуваат, туку се чини дека уште повеќе се влошуваат. Премиерот на Република Северна Македонија јавно изјави дека неговата влада е вклучена во подготовката на извештајот 11 месеци. Во друго интервју, тој коментираше за нацрт-амандманите што се дискутирани, но сè уште не се јавно достапни, откривајќи чувствителни информации познати само на известувачите во сенка.

Ова покажува дека заинтересираната страна, предмет на извештајот, не само што активно учествува во подготовката на неговата содржина, туку и јавно изразува мислење за тоа што треба, а што не треба да биде вклучено во конечниот текст. Таквото мешање ја поткопува независноста на работата на Парламентот и ги крши утврдените процедури“, изјавил Стојанов, шеф на делегацијата на Преродба во Европскиот парламент.

Според Стојанов, линијата на прифатливост е одамна пречекорена. Се појавуваат сè повеќе нови околности.

Тој ја потсетил претседателката на ЕП, Роберта Мецола дека во петокот Народното собрание на Република Бугарија едногласно усвои декларација за ова прашање, а вниманието на јавноста кон темата е исклучително големо. Како член на Европскиот парламент, Стојанов нагласил дека има одговорност да ги информира и бугарските и европските граѓани за начинот на кој се подготвува овој извештај и за неправилностите во процесот, поради што смета дека усвојувањето на извештајот треба да се одложи до завршување на целосна и независна верификација на сите факти.

Во среда во Брисел, расправа за извештајот за Македонија, подготвен од известувачот за земјава, Томас Вајц. Со него се потврдуваат македонскиот идентитет и јазик, но, поднесени се и амандмани од бугарски европратеници. Премиерот Христијан Мицкоски повика на сплотеност, но и лобирање кај сестринските европски партии.

Слични содржини