Балканските земји, – според примерот на Хрватска, Македонија и Србија, – страдаат од развлечен процес на демократизација исполнет со анксиозност, при што е присутна култура на однесување да се има трпение со политичарите сè додека тие не отидат предалеку во пречекорувањето на границите на издржливоста. Вака професорот по социологија во Лондон и експерт за Балканот, Ерик Горди, го толкува незадоволството кое тлее во балканските земји, нагласувајќи во интервју во шведскиот печат дека “во регионот гледаме протести кога работите отишле предалеку“. Дел од одговорноста за таквите состојби, смета Горди, лежи во ЕУ која беше екстремно неефикасна со својот пристап да прогледува низ прсти на ширењето на корупција и изборни измами.

Европската дебата моментно ја карактеризираат актуелните “ексползивни“ прашања кои битнио влијаат на политичките процеси и на формирањето на јавното мислење. Разликите во сфаќањата и ставовите се значајни пред сè кога станува збор за стравот на Европејците од натаношниот наплив на мигранти. Отприлика педест отсто од жителите во ЕУ веруваат дека бегалците го зголемуваат ризикот од терористички напади. Тоа го покажуваат резултатите од најновата студија на „Пју рисерч центар“, дека посебно во Источна Европа беглаците се сметаа едновремено и како оптоварување за економијата. 46 проценти од Французите, 52 проценти од Британците, 57 проценти од Швеѓаните, 61 процент од Германците, како и 71 процент од Полјаците и дури 76 проценти од Унгарците се согласуваат со тврдењето дека “беглаците ќе ја зголемата веројатноста од појава на тероризам во нашата земја“. Стравот поприма и драматични димензии, како, на пример, во Данска каде што речиси деведест отсто од Данците би сакале да се забрани обрежување, а што е проследено со запрепастување меѓу Евреите и Муслиманите во земјата кои тврдат дека станува збор за право на различност и респект кон оној што е поинаков.
Но колку и да се сериозни прашањата кои внесуваат конфузија и несигурност кај широки слоеви на насаелението во западните земји, многумина во исто време се согласни дека секаков обид да се заговара општествен амбиент во кој политичките лидери би решавале кои сфаќања и норми би требало да се издвојат како “оние вистински и прифатливи“ во “нашата земја“ во основа претставува авторитарна и недемократска идеја.
Со појавата на партиите на екстремната десница во последните години, кои во низа западноевропски земји веќе удобно се сместија во парламентарните клупи, традиционалната поделба на политичка левица и десница во практикувањето на демократијата се измести од своето тежиште и сега и двата пратиско-политички блока наидуваат на сериозни проблеми во обезбедувањето на неопходното праламентарно мнозинство. Во услови на брзи промени и рекомпонирање на политичката сцена, она што делумно и се очекуваше е дека политичарите и од левите и од десните етаблирани парламентарни партии најпосле ќе ги прегрнат популистичките идеи, и тоа, како што вели шведската професорка по политикологија Мари Демкер, “со таква наивност како да си играат со оган“. Токму затоа од разни страни се предупредува дека кога политичарите дозволуваат во својата наивност да почнат да манипулираат со старото добро познато идејно наследство околу нацијата, авторитетот и традицијата, како да станува збор за некаков вид убаво украсен пакет за сопствената порака, тогаш се јавува закана од сериозни последици. Во мигот кога политичарите почнуваат да дискутираат околу потребата од заеднички ставови и вреднувања, а токму тоа сега на разни места се случува во Европа, тогаш тоа е знак дека основната конфликтна димензија во партиско-политичката борба – кога станува збор за распределбата на ресурсите – е исправена пред предизвик да се соочи со нова конфликтна димензија, односно онаа која се однесува на културата и стилот на живеење. Во тој контекст либералните идеи за човечката индивидуалност и слободата на изборот се стваат наспроти традиционалните сфаќања кои им придаваат нарочна вредност на националното заедништво и социјалната контрола.
Без оглед на фактот дека популистичките идеи во западните развиени демократии се почесто ја диктираат агендата на политичкото дејствување, во либерланите демократии не се оспорува основниот постулат дека сите се исти пред законот и можат да сметаа на заштита од страна на правната држава во однос на темелните човечки права, меѓу кои, на пример, и правото на слободата на изразување и слободата на вероисповед. Политичарите секако можат да ги спротивставуваат своите мислења и ставови во врска таа проблематика, но секаков обид за узурпација на изнституциите на системот заради заштита на сопствениот политички рејтинг и бескрупулозно форсирање на соптвените политички идеи и програма без двоумење би наишло на осуда. “Играњето со оган“ е добро научена лекција за политичарите кои се соочуваат со јавност во која владее висока граѓанска свест за придобивките на транспарентноста, отчетноста и слободниот пристап до информациите во општеството.
Гледано од друг агол, во земјите каде што најприземнетиот говор на омраза не само што не се санкционира туку и се поддржува од носителите на власта, каде што можност за работа и просперитет очекуваат само членовите на владејачката партија, каде што ниеден почитичар кој со години практикува власт не сака да понесе одговорност околу своите погрешени одлуки, и каде што полициски службеници се фотографираат со автоматско оружје во егзалтирана атмосфера на сопствената свадбена веселба, дебатата околу политичките идеи целосно е покриена со реата на медиумскиот жабурнак. Плуралната демократија која срамежливо се развиваше во Македонија во изминатите децении, сега е сведена на еден редуциран систем чиј императив е заштита на интересите на врхушката на власт. ЕУ бездруго има проблем да комуницира со таквите земји. „Луѓето во Македонија, – нагласува Ерик Горди – гледаат дека ЕУ не е доволно сериозна кога е во прашање демократијата, затоа и тие самите не го земата сето тоа премногу сериозно. Сè што ЕУ сака на Блаканот се стабилни влади, а не промени на власта“. Тоа што влева надеж е дека граѓанските протести, во кои е доминатна урбаната средна класа, ќе водат кон политички промени при што нема да се дозволи како решение да помине што било. Активните граѓански групи ќе треба да останат на улиците и по падот на режимот, за да се уверат дека бараните реформи навистина и ќе бидат спроведени. Боите на “Шарената револуција“ можеби брзо ќе се повлечат и изедначат со нормалниот колорит на секојдневното живеење, но далеку потешка задача ќе биде да се избрише и исчисти бојата на застојаниот жабурнак во кој со години се прикриваат политички злоупотреби, корупција и манипулации кои внесоа целосен хаос во општеството./ објавено на порталот Либертац
Ивица Челиковиќ