Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска информираше дека Европската комисија одобрила 53.015.968 евра за Северна Македонија за три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.
Според него, станува збор за реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, во соработка со Европската банка за обнова и развој.
-Европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење за енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.
Како Национален ИПА координатор потенцирам дека ова е помош за државата да ги изведе реформите и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди, преку подобрување на животната средина и подобрување на инфраструктурата, посочи Маричиќ во својата објава.