Европската комисија денеска во Брисел ќе го презентира годишниот извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите и европската интеграција, во кој е вклучен и годишниот извештај за Македонија. Извештајот ќе биде претставен пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент од комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
Ова е прв извештај на ЕК за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.
Во нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, до кој РСЕ имаше пристап, се вели дека потребна е ефикасна имплементација на постоечката легислатива, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи.
Северна Македонија е умерено подготвена според речиси сите критериуми, се вели во нацрт-извештајот на Европската комисија, кој ќе биде објавен во среда. Добар напредок има само во економските критериуми, а многу добри резултати има и во усогласеноста на државата со европската надворешна и безбедносна политика.
Се наведува и дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.