Европската комисија потпиша договори со четири производители на вакцини во случај на идни пандемии

од Nikola Popovski
387 прегледи

Европската комисија објави дека потпишала договори со четири производители на вакцини за резервирање на капацитетите за производство на вакцини во случај на идни епидемии, како што е ковид-пандемијата.

Потпишани се договори со американскиот фармацевтски гигант Фајзер, шпанските производители на вакцини „HIPRA“ и „CZ“ и холандската компанија „Bilthoven Biological“, а се предвидува закуп на капацитет за годишно производство од 325 милиони дози, по цена од 160 милиони евра годишно, пренесува „Политико“.

Договорот вклучува голем број различни видови вакцини: mRNA вакцини, кои првпат беа воведени за време на коронавирусот, како и вирусни вектори и вакцини базирани на протеини. Договорот е од отворен тип и се однесува на сите заразни болести од кои штитат вакцините.

ЕУ е подготвена да покаже дека научила лекција од последната пандемија, кога Ковид-19 брзо се рашири низ земјите од Европа, поради што нејзините членки беа принудени да го контролираат ширењето на вирусот со строги рестриктивни мерки.

Целта на овој договор е да се спречи ваквото сценарио да се повтори, доколку ЕУ повторно се соочи со слична епидемија.

Според условите на договорот, Унијата плаќа за капацитетот за производство на вакцини на фармацевтските компании, кои се обврзуваат да обезбедат одреден број дози, под услов да развијат соодветна вакцина за болеста што ќе биде прогласена за епидемија.

Тоа значи дека Европската комисија ќе им плаќа на фармацевтските компании надоместок за неискористување на капацитетот, за да го имаат на располагање во случај на потреба.

ЕУ веќе има слични договори за резервирање на капацитетите за вакцини против птичји грип со компаниите „GlaxoSmithKline“ и „Sekirus“, бидејќи експертите сметаат дека таа болес е главен кандидат за следната пандемија.

Слични содржини