Европската комисија предложи 20. пакет санкции против Русија

Европската комисија предложи 20. пакет санкции против Русија, насочен кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, со цел мерките да бидат усвоени пред четвртата годишнина од војната, на 22 февруари.

од desk4
11 прегледи

Европската комисија предложи 20. пакет санкции против Русија, насочен кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, со цел мерките да бидат усвоени пред четвртата годишнина од војната, на 22 февруари.

„Комисијата предлага нов пакет санкции, 20-ти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Ограничувања за руската нафта и енергетскиот сектор

Во новиот пакет се предлага целосна забрана на поморските услуги за превоз на руска сурова нафта, со цел дополнително да се намалат приходите од продажба на енергенси и да се отежне пронаоѓањето купувачи за руската нафта.

„Бидејќи бродскиот превоз е глобална дејност, предлагаме оваа целосна забрана да се донесе во координација со истомисленици по одлука на групата Г7“, изјави фон дер Лајен.

Пакетот вклучува и додавање на уште 43 брода од т.н. руска „флота во сенка“ на листата на санкционирани пловни објекти. Вкупниот број на такви бродови, кои Русија ги користи за заобиколување на санкциите, достигнува 640. Се предлагаат и мерки што треба да ѝ го отежнат на Русија набавувањето танкери за оваа флота, како и сеопфатна забрана за обезбедување одржување и други услуги за LNG танкери и ледоломци.

Ограничувања за рускиот финансиски систем

Вториот дел од санкциите се однесува на мерки за ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни платни канали за финансирање на економската активност. Уште 20 руски регионални банки се додаваат на листата на санкционирани, како и неколку банки во трети земји кои учествуваат во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока.

Се предлагаат и мерки против криптовалутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат тргување со криптовалути, со цел да се отежне заобиколувањето на санкциите.

Ограничувања на увозот и извозот

Третиот дел од новиот пакет се однесува на заострување на ограничувањата за извоз во Русија на стоки и услуги, од гума до трактори и услуги за кибер-безбедност.

Се предлага и нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали кои досега не биле под санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на производи и технологии што се користат за руските напори на бојното поле, вклучително и материјали за производство на експлозиви.

Претседателката на Комисијата ги повика земјите членки на Европската унија што побрзо да го одобрат пакетот санкции, „за да испратиме силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од оваа војна“.

Фон дер Лајен наведе дека руските фискални приходи од нафта и гас во 2025 година паднале за 24 проценти во споредба со претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.

„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Тоа го потврдува она што веќе го знаевме, дека нашите санкции делуваат и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, изјави таа, осврнувајќи се на конфликтот меѓу Русија и Украина.